ОПШТА БОЛНИЦА СО ПРОШИРЕНА ДЕЈНОСТ – КОЧАНИ ЌЕ ГО ДОБИЕ НАЈСОВРЕМЕНИОТ ЕЛЕКТРОХИРУРШКИ ГЕНЕРАТОР

ноември 25, 2025
1 минути

Сојузот на Лајонс клубови на Северна Македонија-Д132 – Скопје ќе донира високотехнолошка медицинска опрема на Ј.З.У. Општа болница со проширена дејност – Кочани, како силна поддршка на здравствените работници и пациентите по трагичниот настан што ја погоди заедницата оваа пролет.

На 26 ноември 2025 година во 11 часот, болницата ќе го добие најсовремениот електрохируршки генератор на Olympus, Јапонија, глобален лидер во медицинска технологија кој е препознаен по сигурност, квалитет и иновации.

Овој уред овозможува прецизно и контролирано сечење и коагулација, што на медицинскиот тим му дава стабилна и безбедна енергија при различни хируршки интервенции. Генераторот се користи во секоја гранка на хирургијата – од општа хирургија, урологија и гинекологија до реконструктивни и специјализирани интервенции.

Исто така, значително помага во третманот на пациенти со изгореници – овозможува прецизно отстранување на оштетеното ткиво, намалување на крварењето и создавање чиста површина подготвена за кожни трансплантации со пократко време на интервенција и минимална траума на здравото ткиво.

Lions Clubs International е најголемата сервисна волонтерска организација во светот со над 1.4 милиони членови во повеќе од 50,000 клубови низ 210 држави и географски региони во светот. Од 1997 година, Сојузот на Лајонс клубови -Д132 е дел од ова глобално семејство. Во дистриктот членуваат 30 Лајонс клубови со приближно 600 членови/волонтери, кои веќе 28 години посветено работат за подобрување на здравјето и благосостојбата, зајакнување на заедниците и поддршка на нашите сограѓани на кои им е потребна помош.

Со оваа донација, Лајонс заедницата го продолжува своето директно служење и поддршка на заедниците.

Покануваме претставници на медиумите да го проследат настанот. За дополнителни информации и логистика, Ве молиме обратете се на: Хари Коцев, 070 200700 [email protected] и Филип Трајковски, 078 887866 [email protected]