„ОСОГОВО“ – „БЕЛАСИЦА“ 0:3 (0:2) – ВО ЧЕТВРТАТА МИНУТА СЕ БЕШЕ РЕШЕНО

Во Спорт
февруари 19, 2022
1 минути

На отворањето на пролетниот дел на сезоната екипата на „Осогово“ како домаќин загуби три мошне важни бода во борбата за едно од шесте места кои директно водат во единствената втора фудбалска лига која ќе започне од идното првенство. „Осогово“ загуби од „Беласица“ со резултат 0:3 (0:2).

За време на зимскиот преоден рок „Осогово“ го смени составот, неколку клучни играчи го напуштија клубот а други иако со големи најави дојдоа, денес речиси не покажаа ништо. Дали денес имаа слаб ден или не ќе покажат следните натпревари.

Инаку денес „Осогово“ го загуби натпреварот уште во четвртата минута. Имено се играше 2’ кога домашната одбрана погреши еден гостински играч влезе во шеснаесетникот и кога се спремаше да шутира беше повлечен а судијата оправдано покажа на белата точка. Ударот за гостите го изведе Коцев, иако домашниот голман Андов го прочита каде ќе бие сепак топката заврши во мрежата.

Уште домаќините не се оправија од првиот шок следуваше втор, пострашен од првиот. Во 4’повторно грешка на домашната одбрана чии играчи како да му ја сервираа топката на Радојчиќ кој биеше од 7-8 метри и мрежата на „жетварите“ по втор пат се тресеше.

Требаше да помина добри дваесет минути за да играчите на „Осогово“ се соземат. До крајот на првото полувреме оздадоа 2-3 убави шанси за гол но неефикасните напаѓачи не успеаја да ја затресат мрежата на денес мошне добриот гостински голман Николоски.

Во второто полувреме домаќините се обидуваа да постигнат гол и да го направат натпреварот неизвесен но или премногу грешеа во додавањето или гостинската одбрана секогаш беше на вистнското место.

Она што „жолти-сините“ не го реализираа им успеа на гостите во финишот на натпреварот кога нововлезениот Трајков изби сам пред домашниот голман, двапати биеше за да „Беласица“ дојде до убедливи 3:0.

Се на се натпревар во кој домаќините ги разочараа своите навивачи. Со таква игра тешко да се дојде до зацртаното.

Комплетни резултати од 16-тото коло:

„Осогово“ – „Беласица“  0:3

„Слога 1934“ – „Пехчево“ (Кит Го)  2:1

„Каменица Саса“ – „Кожуф“  1:0

„Братство“ – „Победа“  1:4

„Локомотива“ – „Детонит“  1:3

На табелата во водство се „Победа“ и „Слога 1934“ со по 35 бода, пред „каменица Саса“ 34, „Беласица“ 31, „Кожуф“ 20, „Пехчево“, „Осогово“ и „Детони јуниорт“ по 19, „Братство“ 7 и „Локомотива“ 6.

Во следното коло „Осогово“ му гостува на „Пехчево“.

С. Ивановски