„ОСОГОВО“ ГУБЕШЕ 0:2, ПА ДОЈДЕ ДО 2:2

ноември 12, 2023
1 min read

Во рамките на 12-тото коло од Втората Фудбалска Лига  во под просечен натпревар за ова ниво на натпреварување денес во Кочани „Осогово“ и „Вардар“ (Неготино) ги поделија бодовите играјќи нерешено 2:2 (0:1).

Измрзнатите гледачи кои денес на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани ги имаше околу 300 се до 28’ не видоа ништо од натпреварот. И двете екипи играа некако без компас а во главно се се одвиваше помеѓу двата шеснаесетника. И тогаш во 28’ гостите поведоа. Беше досуден слободен удар за гостите на повеќе од дваесет метри од домашниот гол. Топката беше нафрлена во срцето на домашниот шеснаесетник и тогаш на општо изненадување  на присутните на стадионот денес несигурниот главен судија Влатко Илиоски од Прилеп покажа на белата точка. Оваа одлука внесе гнев кај домашните гледачи, но пеналот мораше да биде изведен. Капитенот на Неготинчани Дарко Алексов топката ја упати во левиот долен агол а домашниот голман Ѓорѓи Јованоски го испрати на спротивната страна. И по овој погодок повторно сивило на теренот. Домаќините имаа некои обиди да дојдат до гостинскиот гол, но сето тоа беше многу лошо изведено.

Второто полувреме како да беше прекопирано од првото, но така беше се до 79’ кога гостите уште еднаш ја затресоа мрежата на домаќините. Пред тоа домаќините на двапати се обидоа да ја затресат мрежата на гостинскиот голман Стефан Тасев но ударите завршија покрај десниот дирек во гол аут.

Во 79 играчите на Вардар изведоа брза акција по левата страна, топката беше нафрлена по земја во домашниот шеснаесетник но домашната одбрана успеа да ја исфрли само до работ на шеснаесетникот, на неа натрча Ники Зумровски и со удар по земја ја упати во небранетиот дел на мрежата. Овој погодок како да ги разлути домашните играчи кои наеднаш се растрчаа по теренот. Минута по вториот примен гол домаќините изведоа убава акција по левата страна, на центрираната топка натрча расниот стрелец Тоше Манов и со глава биеше во небранетиот дел на гостинскиот гол. Овој гол како да им даде крилја на „жетварите“. Во 82’ веќе беше 2:2. нафрлената топка во гостинскиот шеснаесетник најпрвин со гради ја смири Тоше Манов а потоа биеше за голема радост на трибините. Гостите вториот погодок на „Осогово“ како да ги шокираше па набргу Аделин Ќазимов направи непромислен потег по што заслужено го заработи вториот жолт картон што значеше дека гостите останаа со десет играчи, која бројчана предност домаќините не успеаја да ја искористат.

Се на се, натпревар испод второлигашко ниво што никако не ја враќа вербата во фудбалот.

Резултати од 12-тото коло:

„Осогово“ – „Вардар“ (Н)  2:2

„Охрид“ – „Беса“  1:3

„Тетекс“ – „Пелистер“  0:1

„Башкими“ – „Аресими“  1:2

„Победа“ – „Скопје“  1:0

„Беласица“ – „Караорман“  2:1

„Новаци“ – „Кожуф“  1:0

„Каменица Саса“ – „Детонит Плачковица“ 1:3

Следниот викенд е пауза во првенството поради настапот на македонските фудбалски репрезентации.

Не сме во можност да ја објавиме комплетната табела од комет системот бидејќи до затворањето на текстото (22:20 часот) натпреварот од Македонска Каменица не е затворен од судијата.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ