„ОСОГОВО“ КАКО БОКСЕРСКА ВРЕЌА, ПОРАЗ НА „КАМЕНИЦА САСА“, ЛИДЕРСКОТО МЕСТО ЗА „СЛОГА 1934“ И „ПОБЕДА“

Во Спорт
октомври 23, 2021
1 минути

По двете едноподруго победи, особено по последната во Струмица против „Беласица“ играчите на „Осогово“ со доза на голем оптимизам го дочекаа традиционално незгодниот противник „Кит Го“ од Пехчево. Но оптимизмот се покажа  како необјективен бидејќи денес „Осогово“ не личеше на екипа од второлигашката конкуренција. Кочанчани играа очајно слабо, без упатен директен гол кон голот на гостите, а одбраната порозна како сирење. На лошата игра на „жолто-сините“ кумуваше и црвениот картон (втор жолт) што го заработи Стефан галабоски во првата минута од судиското надополнување. Токму од тој слободен удар гостите поведоа. Ударот мошно убаво го изведе Зоран Андонов постигнувајќи вистински евро гол. Во 68’ истиот играч по втор пат го матираше домашниот голман Иванов. Беше исведен корнер од десната страна, луцидниот Ступиќ велемајсторски со пета асистираше а Андонов од 4-5 метри ја закова топката во мрежата. По две минути и трет гол во мрежата на домаќините, овој пат на нафрлената топка натрчаа Ступиќ и домашниот играч Дарко Спировски кој незгодно ја зафати топката и го префрли Иванов. Победата во Струмица беше чекор напред за „Осогово“, но денешниот пораз ги врати два чекори назад.

Големо изненадување приреди екипата на „Братство“ која на теренот на „Могила“ го совлада лидерот на табелата „Каменица Саса“, што беше доволно „Слога 1934“ и„Победа“ по победите на домашен терен да избијат на првите две  места. „Слога 1934“ славеше како домаќин против „Кожуф“, а „Беласица“ со три бода се враќа од Градско.

Резултати од 8-то коло:

„Осогово“ – „Кит Го“  0:3

„Слога 1934“ – „Кожуф“  2:1

„Братство“ – „Каменица Саса“  2:1

„Локомотива“ – „Беласица“  0:2

„Победа“ – „Детонит“  1:0

На табелата во водство се „Победа“ и „Слога 1934“ со по 19 бода, пред „Каменица Саса“ 17, „Беласица“ 14, „Кит Го“ 12, „Осогово“ 10, „Кожуф“ 8, „Детонит“ 7, „Локомотива“ и „Братство“ со по 4 бода.

Во следното 9-то коло „Осогово“ му гостува на „Кожуф“.

С. Ивановски