„ПИЈАНО ТРИО“ ОДРЖА КОНЦЕРТ ВО КОЧАНИ

мај 21, 2022
0 минути

Синоќа, составот „Пијано трио“ одржа концерт во салата на Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ во Кочани. Тројцата академски музичари Диана Мирчевска (виолина), Верица Ајтовска (виола) и Иван Трајковски (пијано) изведоа дела од Дмитриј Шостакович и Астор Пјацола.

На публиката ѝ беше претставена помалку познатата, нежна страна на Шостакович со „Петте дела за две виолини и пијано“, како и дела на револуционерот на модерното танго Астор Пјацола.

– Сметам дека со музиката успеавме да создадеме синергија меѓу нас, изведувачите, инструментите и публиката, една креативна интеракција меѓу композиторот, изведувачите и слушателите. Паузата што ја наметна пандемијата и во концертните настапи покажа дека публиката сака да го надомести тој вакуум – истакнува виолинистката Мирчевска.

Според Верица Ајтовска, потегот на Министерството за култура за пренесување на концертите во локалните средини е за поздрав, затоа што ја потврдува и улогата на Музичкото училиште од Кочани како извориште на кадри.

Вечерва, со почеток во 20 ч., „Пијано трио“ ќе настапи во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, а в понеделник, на 23 мај, е во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Концертите се реализираат со поддршка на Министерството за култура.