ПОЧНА ИСПОРАКАТА НА ПОТРЕБНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ ЗА ИЗВЕДБА НА ПОТИСНИОТ ЦЕВКОВОД

ноември 23, 2021
1 минути

Општина Кочани ќе ги инвестира добиените 44,5 милиони денари од   државниот буџет за реконструкција на главниот потисен цевковод за водоводната мрежа во градот и дел од населените места.

Финансиската помош ја додели Владата по пренамената на средствата за   изградба на карго аеродромот кај Штип, а локалната самоуправа на Кочани наскоро ќе ја почне постапката за реализација на градежните работи. Договорот беше потпишан во Maj 2021 година помеѓу Општината и Владата, а потребните материјали (цевки и слично) за изведба на цевководот веќе од  20.11.2021 година (сабота) почнаа да пристигнуваат и се   складираат во Грдовски орман.

„Се планира да се заменат 2.250 метри на постојниот цевковод, од
бунарскиот систем Грдовски Орман кон  градот, при што ќе се постават   дуктилни цевки од лиено железо со пречник од 508 милиметри. Со реконструкцијата ќе се обезбеди поголема издржливост и долготрајност на системот, особено што токму оваа делница поминува низ оризовите полиња и е неговата најслаба точка. Вкупната должина на цевководот е околу пет километри, а пред десетина години беше направена реконструкција на околу 1,3 километри, така што останува да се обнови уште околу 1,5 километри, истакна Андреј Киров, директор на  комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани.

Цевките на потисниот цевковод се стари повеќе од 40 години и
потенцијално се подложни на пукање и загуба на големи количини вода.

Со реконструкцијата „Водовод“ ќе може да го обезбеди максималниот капацитет до потрошувачите од 285 литри вода во секунда.

КЈП Водовод Кочани