Кочани, 21 Септември,– Започнува нов проект за подобрување на вештините на слепите и слабовидни лица во Кочани и нивно интегрирање во процесот на рециклирање на отпад, кој во наредните осум месеци ќе го имплементира „Здружението на слепите лица“ – Кочани во партнерство со Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ – Кочани. Оваа активност се реализира во рамките на „Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 – ReLOaD2“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Главна цел на проектот е зголемена вработливост и вклучување во процесот на рециклирање отпад на лицата со попреченост преку подобрување на вештините на слепите и слабовидните лица во Кочани. Целна група се вкупно 15 слепи и слабовидни лица, од кои осум мажи и седум жени.
„Ова е прв проект од ваков тип кој го спроведува „Здружението на слепите лица“ – Кочани и се надеваме дека ќе биде добар почеток за понатамошно работење. Слепите и слабовидни лица како посебна ранлива група граѓани многу често се надвор од случувањата во општеството, посебно кога станува збор за еднаков пристап на пазарот на труд. Одредени категории од нив воопшто не се конкурентни на пазарот и немаат ниту шанса, ниту можност за стекнување или надоградување на какви било работни вештини. Ова ќе биде добра основа за да го дигнеме гласот за еднаков третман на овие лица во општеството, а самите лица да се стекнат со одредени вештини, кои ќе им помогнат да бидат поконкурентни на пазарот на труд“, изјави Тоше Илиев, координатор на проектот.
Крајните корисници ќе се стекнат со работни вештини за изработка на ракотворби од реупотреблив отпад. Ова дава додадена вредност на проектот имајќи го предвид фактот дека корисниците ќе се здобијат со нови знаења за заштита на животната средина, но и директно ќе придонесат кон намалување на количината на отпад во општината.
„Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ како здружение со повеќегодишно искуство на работа на проекти од различни области, со задоволство ќе го менторира „Здружението на слепите лица“ – Кочани во спроведувањето на овој проект. Со цел да останеме препознатливи во опшеството по тоа што сме, односно заштитата на животната средина и управување со отпад како наши примарни сфери на делување, еден од сегментите на овој проект е рециклирањето на отпадот, поточно стекнување вештини на слепите и слабовидни лица за изработка на ракотворби од реупотреблив отпад“, рече Ирена Мирчовска, овластен застапник на „Еко Тим Исток“
Очекувани резултати од проектот се:
– Градење работни вештини кај слепи и слабовидни лица во Кочани за изработка на ракотворби од отпадни материјали;
– Подигнување на јавната свест на слепите и слабовидни лица за рециклирање на отпад и придобивките од рециклирање и
– Подигнување на свеста на јавноста за потребата од инклузија и интеграција на лицата со попреченост во општеството, со акцент на конкурентност на пазарот на трудот.
Контакт информации
Тоше Илиев – 077 492 393
Ирена Мирчовска – 071 272 024