Во пресрет на Европското првенство во борење чиј домаќин е градот Загреб (Република Хрватска), денес Конгрес одржа Светската Боречка Федерација (UWW).
На конгресот на кој присуствуваа претставници од сите членки на федерацијата забележително беше и присуството на Претседателот на Боречка Федерација на Македонија Дејан Богданов и Секретарката на Федерацијата Драгана Савева.
Се разговараше за апликациите за Организација на Европски и Светски Првенства од 2023-2026 година.
Меѓу Федерациите кои имаат аплицирано за организирање на првенства од повисок ранг е и Боречката федерација на Македонија чии апликации се за следниве првенства:
– Балканско Првенство У15 и У17 во 2024 година;
– Светско Првенство У23 во 2024 година;
– Олимписки Квалификациони, како и Европски и СветскиТурнири во 2024 и
– Европски Првенства У17 во 2025 и 2026 година
Конечна одлука за тоа кои ќе бидат државите во кои ќе се одржуваат овие натпреварувања ќе биде донесена до крајот на годината, а од Боречката Федерација на Македонија се надеваат дека ќе бидат домаќини барем на едно од наведените првенства.
На конгресот од страна на Претседателот на Светската Боречка Федерација г-дин Ненад Лаловиќ беа упатени пофални зборови за Боречката Федерација на Македонија за неколкуте мошне успешно организирани проекти во текот на минатата и оваа година, како и за големиот напредок на Федерацијата речиси на сите полиња.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ