Она што му се случи на мојот град и на моите сограѓани пред дванаесет дена, да не се случи никому, да не се повтори. Корумпираниот систем однесе 59 млади животи а подоцна ја зеде и шеесеттата жртва. И кој е виновен за сето тоа?, па сите на свој начин сме виновници затоа што не сакавме на вистината никогаш да и погледнеме во очи кога беа во прашање некои наши роднина, пријатели или познаници.
Она што се случи во дискотеката „Пулс“ имаше увертира која се случи пред нешто повеќе од осум години. Имено тогаш на 30.12.2016 година благодарение на корумпираниот систем на ден пред Нова година избувна пожар во Блокот „А“ во Градскиот Трговски Центар во Кочани кога се запалија таблите со струјомерите. Тогаш настана паника бидејќи хидранти не работеа (некои наводно си ги извадиле цревата и ги однеле да си ги полеваат бавчите) а од противпожарните апарати ниту трага, ниту глас. Сепак благодарение на брзата интервенција на пожарникарите по извесно време колку толку беа создадени услови влезот повторно да го користат станарите. Станарите неколку денови останаа без електрична енергија, а непријатната миризба која го исполни влезот тешко се намалуваше.
И кога експерти почнаа да ги испитуваат причините за пожарот дојдоа до заклучок дека таблата со броилата била преоптеретена бидејќи без знаење на станарите и амин од куќниот совет некој на оваа табла приклучил броила и од кафулињата па поради преоптеретеноста дошло до она што за среќа помина полесно отколку што можеше да биде.
Кој ги приклучил на „диво“ тие кафулиња остана мистерија, но она што подоцна во разговорите меѓу станарите кружеше е дека имало сознанија ако тие кафулиња се приклучиле на централната електрична мрежа ќе требало да плаќаат приклучок околу 1.000 евра и да си ги раскопуваат ѕидовите. На укажувањата на станарите дека треба тие приклучоци да станат минато системот остана глув па и до ден денес нивните приклучоци се на истото место. Која беда од систем.
Тогаш на сите ни беше покажан жолтиот картон како опомена за надлежните служби да почнат да си ја работат „домашната задача“ за која сите ние ги плаќаме. Но се остана на зборови а дела не беа превземени.
Денес дванаесет денови по трагедијата која го буквално го уништи мојот град лошите спомени ме враќаат на последните два дена од таа 2016 година, денови кога опомената никој не ја сфати сериозно.
Дали некој ќе понесе одговорност што до ден денес се остана како што беше и таа 2016 година или ќе чекаме нова драма, и нов театар од режисерите кои ни режираат филмови еве веќе повеќе од три децении.
Срам за системот и за сите оние кои го водат тој систем.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ