ПОТПИШАНА ПОВЕЛБА ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ СКРАДИН И КОЧАНИ

септември 17, 2025
0 минути

На 13 и на 14 септември, во Скрадин, Хрватска се одржа второто издание на Фестивалот за рижото, на кој присуствуваше в. д. градоначалникот Венко Крстевски со делегација од Општина Кочани.

На првиот ден од фестивалот беше потпишана Повелба за соработка помеѓу градот Скрадин и Општина Кочани, документ кој ги отвора вратите за гастрономско и културно пријателство помеѓу двата града и најавува идни заеднички проекти.

„Наша цел е Кочани да се фокусира кон туризмот, особено кон гастротуризмот. Посебно им благодариме на градоначалникот на Скрадин Антонио Брајковиќ, Дијана Катица од Одборот за туризам на Хрватска и на амбасадорка на Хрватска во Македонија, Нивес Тигањ, кои ги создадоа сите услови да започне новото партнерство меѓу Скрадин и Кочани, во кое клучна врска е оризот. Првично договоривме настап на Кочани на идниот Фестивал на рижото. Оризопроизводителите од Кочанско ќе имаат можност за понуда на кочанскиот ориз на меѓународниот пазар. Очекуваме новото партнерство да ја нагласи вредноста на меѓукултурната соработка и да создаде можности за нови гастрономски проекти“ истакнува Крстевски.

В. д. градоначалникот Венко Крстевски и делегацијата ги посетија Шибеник и Сплит и имаа средби со претставници на македонската заедница во Хрватска.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ