Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во рамките на партиските активности „Промените се случуваат секогаш со народот“ денес престојуваше во работна посета на Кочани.
Во друштво на Градоначалникот Љупчо Папазов и неговите соработници Мицкоски направи увид во реализираните комунални и инфраструктурни проекти.
„Се радувам што го гледам ова овде во општина Кочани, реализација на проекти и на ветеното. Тоа е она кое што ги интересира граѓаните во овие тешки моменти во исклучително голема енергетска и финансиска криза. Пред се морам тоа да го кажам како резултат на неспособноста и неинвентивноста и немањето на план и стратегија на владата„ изјави Мицкоски.
Околу вложувањето во проекти од страна на општината во 2022 година, Мицкоски рече:
„Но, ме радува фактот на локално ниво тоа што беше ветено се испорачува, еве самиот градоначалник слушавте кога кажа дека повеќе од милион евра или 65 милиони денари се вложени во проекти во 2022 година, од сопствени средства што во услови на ваква економска и енергетска криза, навистина претставува огромен подвиг. И јас ја користам оваа прилика да му честитам нему и на тимот кој што работи со него, а реализирацијата на проекти е околу 72 милиони денари, што значи милион и 200 илјади евра се практично нови проекти овде во Кочани“.
С. Ивановски