Три капитални проекти започнуваат да се реализираат во Кочани при што денеска увид во работите извршија премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.
Станува збор за изградба на Јужниот булевар во Кочани, нов сообраќаен мост на Кочанска Река и изградба на дел од потисниот цевковод и препумпна станица од водоводниот систем.

-Денеска присуствував на почеток на изградба на дел од собирни улици „Никола Карев“ и дел од градската магистрална улица „Новопланирана 1“ во Општина Кочани. Потоа, извршивме увид во градежни работи на мост на Кочанска Река за поврзување на улица „Лазар Андонов“ со улица „Вера Которка“, како и увид во градежни работи при изградба на дел од потисен цевковод од јазол до изливен базен на препумпна станица од водоводниот систем. Се заблагодарувам на градоначалникот, на потпретседателот на Влада и министер за транспорт, на пратениците, на сите жители на Општина Кочани коишто даваат поддршка на реализирање на вакви проекти, а ние како Влада ќе продолжиме да даваме приоритет на Кочани и на општините бидејќи не можеме да го повратиме она што е загубено, но барем да се обидеме дел од таа енергија да ја повратиме за да можат луѓето да се вклучат во нормалните текови на живот#, соопшти премиерот Мицкоски.

Инвестициите во инфраструктурните проекти од Министерството за транспорт и врски се движат околу 5,5 милиони евра, соопшти министерот Николоски.
„Почнуваме со реализација на влезниот булевар, кој што е проценета вредност околу 2 милиони евра и очекуваме во наредните година и половина да биде завршен. Понатаму мост на Кочанска река со вредност од некаде околу 350.000 евра и она што долго време се очекуваше, проект кој што е започнат уште во 2013 година, тоа е довршување на водоводот со изработка на еден потисен цевковод кој што треба да овозможи чиста вода за пиење за поголем дел од градот, кој што е вредност некаде околу 1.100.000 евра и исто така очекуваме за една година да биде завршен. Значи ова се вкупно три проекти што ги почнуваме денес и кои што очекуваме со предвидена динамика во соработка со општината да ги завршиме. На тоа се работат уште три проекти кои што одат исто така со заем од Светска банка преку Министерството за транспорт. Два се веќе завршени, еден се работи во вкупна вредност се околу 550.000 евра, кога ќе се собере се заедно доаѓа една инвестиција од околу 4 милиони евра кои што се дополнителни средства на оние средства кои што редовно ги добиваат општините како поддршка. Таа поддршка беше 250 милиони евра за минатата година и 100 милиони евра за предходната година, изјави вицепремиерот Николоски“.

На средбата Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданово рече: „Преговараме за готов проект за изградба на Олимписки затворен базент, распишан е тендер за реконструкција на цевководот за геотермална вода, а во завршна фаза е поставувањето на камен темелник на новиот старечки дом. За скоро време почнуваме и со изградба на типските куќички, ретаил парк преку кој ќе се обидеме да ги собереме сите светски брендови од малопроджба. Работиме на обезбедување на паркинг места преку катни платформи при што во центарот на градот ќе добиеме 4000 метри квадратни паркинг места“.

Истовремено Грозданов најави и поставување на фотоволтаици кај бунарите за водоснабдување на КЈП „Водовод“, пристапен пат кај фабриката „Амфенол Технолоџи Македонија“ кој е во изградба, базна станица за полнење на електрични возила и автобуси, водоводна и канализациона мрежа на Пониква, идејно решение за патека за пешачење кон брана Гратче, идејно решение за реконструцкија на Градскиот плоштад, проекти за изградба на нова спортска сала во основно училиште.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
