ПРОМЕНА НА РЕЖИМОТ НА СООБРАЌАЈ ВО ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ НА КОЧАНИ

ноември 26, 2025
1 минути

За првата половина на декември се најавува измена на режимот на сообраќај на двете главни улици во централното градско подрачје во Кочани. Ова е еден од заклучоците на состанокот на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата што се одржа денеска, во присуство на градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов.

Согласно изработена сообраќајна документација, сообраќајот на потегот од кружниот тек кај Полициската станица во Кочани, со дел од ул. „Тодосија Паунов“ и ул. „Кеј на Револуцијата“ ќе се одвива еднонасочно, во правец југ-север до мостот кај Градскиот плоштад.

Еднонасочна ќе биде ул. „Маршал Тито“, на потегот од мостот кај Градскиот плоштад кон кружниот тек кај Двојниот мост на ул. „Никола Карев“.

Предлог-сообраќајниот режим претходно беше разгледуван и надополнуван на неколку јавни расправи со претставници на локални институции и претпријатија, транспортни и такси-компании, стручни лица, граѓански организации, претставници од ПО за БПС Кочани и ОСБСП, ТППЕ и ДПД, Итната медицинска помош,  урбани и месни заедници, советници, поединци и групи граѓани. Промената на режимот на овие улици е резултат на констатираните проблеми на стационарниот сообраќај односно недостатокот на места за паркирање на возила во централно градско подрачје.

Избран економски оператор изготви и достави основен сообраќаен проект и стручна ревизија, по што СВР – Штип даде согласност, а Општина Кочани издаде решение за утврдување на режим на сообраќај за динамичен и стационарен сообраќај во централно градско подрачје во Кочани.

Општина Кочани и Подрачното одделение за безбедност во сообраќајот на патиштата – Кочани заеднички работеа на решенијата за надминување на актуелните проблеми во сообраќајот во централното градско подрачје, а промената ќе се реализира наскоро во координација со ПО за БПС Кочани.

На денешната седница на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата беше разгледувана и Програмата за работа на ОСБСП за 2026 година.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ