ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА „ТОДОСИЈА ПАУНОВ ОД РЕЧАНИ ДО МАКЕДОНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ“

октомври 21, 2021
0 минути

Во присуство на роднини и пријатели, некогашни соработници од стопанскиот и политичкиот живот во Кочани и надвор од него, како и во присуство на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денес во кругот на некогашниот стопански гигант РОИС „Атом“ во Кочани беше промовирана монографијата „Тодосија Паунов од Речани до македонскиот парламент“.

Монографијата е дело на авторите Славица Цветкова и Јане Атанасов од Кочани а истата е печатена во Печатницата „Европа’92“ во тираж од 300 примероци.

На околу 200 страници исполнети со голем број на фотографии авторите го имаат на еден мошне објективен начин отсликано животниот пат на некогашниот директор на стопанскиот гигант „Атом“ од Кочани, претседател на Собранието на Општина Кочани,  и пратеник во Собранието на Република Македонија Тодосија Паунов од Изборната Единица 34.

Пред присутните свое обраќање за напишаното дело како и за личноста опишана во него имаше проф. Крум Николовски од Делчево, воедно и еден од рецензентите на книгата.

За да се собере еден таков автентичен материјал во период од околу три години авторите користеле се она што ќе го слушнале од најблиските,  од граѓаните како и од голем број неговите некогашни соработници. Користени се и документи од архивски фондови и се друго што било поврзано со Тодосија Паунов за време на неговиот живот.

Оваа Монографија ќе остане како еден траен белег за сето она добро што Тодосија Паунов го направи како стопанственик за Кочани но и за неговиот придонес во примената на парламентарната демократија..

С. Ивановски