ПРОТЕСТ – ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО АТАРОТ НА БАЊА И ТРКАЊЕ, БАРААТ ПРИСТАП ДО НИВИТЕ ПО ИЗГРАДБАТА НА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ

јуни 17, 2022
1 минути

Протест поради одземениот сообраќаен пристап до нивите по изградбата на ескпресниот пат Штип – Кочани денеска организираа сопственици на земјоделско земјиште во атарот на кочанските села Тркање и Бања.

Дополнителен проблем е отежнатиот влез во селото Тркање, па возилата ќе мораат да обиколуваат неколку километри за да можат да се приклучат на експресната коловозна лента.

-Веќе четири години се обидуваме да им укажеме на надлежните државни институции дека со сегашното сообраќајно решение ќе останат запуштени над 500 хектари обработливо земјиште во месностите Валог и Конско, на катастарската граница меѓу селата Бања и Тркање. Нашата фирма има повеќегодишна инвестиција во насад со лешници на површина од 10 хектари, но сега ќе останеме без пристап за механизацијата. Овде има и површини со лозја, со жито, овоштарници и сите се во иста ситуација. Не верувам дека земјоделците ќе се откажат од производството, па ќе бидат принудени да ја оштетуваат заштитната мрежа на експресниот пат за да дојдат до нивите, истакна Латинка Постолова, претставник на компанијата “Фили Ристовски“.

Со изградбата на експресниот пат прекинати се локалните полски патишта што земјоделците ги користеле со децении, па наместо за десетина минути, во иднина ќе им треба и по повеќе од половина час да стигнат до нивите.

-Бараме надлежните да ни предложат алтернативни решенија, ако воопшто размислувале за тоа. Според поранешните катастарски планови имавме три локални полски патишта, а сега нема ниту еден. Под експресниот пат се изгради некаков испуст за атмосферските води, подалеку од некогашниот Пазарски пат што се користеше за пристап до нивите, а прашање е дали тоа решение ќе биде доволно за поминување на комбајни и друга земјоделската механизација, истакна Славе Јорданов, сопственик на земјоделско земјиште.

Сопствениците на земјоделското земјиште кои беа присутни на протестот, рекоа дека неколку пати ги доставувале своите барања до ресорното министерство и до ЈП за државни патишта, а го информирале и Народниот правобранител. Досега решение не е најдено, а изградбата на експресниот пат е во напредна фаза, поради што постои реална закана големи површини обработливо земјиште да пропаднат.

ИЗВОР: тв Канал 8