РАБОТИЛНИЦА ЗА ОПАСНОСТИТЕ ОД КОРИСТЕЊЕ ПИРОТЕХНИЧКИ СРЕДСТВА СЕ ОДРЖА СО УЧЕНИЦИТЕ ОД СОУ „ЉУПЧО САНТОВ“

декември 23, 2022
1 min read

Едукативна работилница за опасностите од користење петарди и други пиротехнички средства се одржа со учениците од СОУ „Љупчо Сантов“. На предавањето што го одржа доктор Томе Солевски, хирург специјалист од Општата болница во Кочани, стана збор за најчестите телесни повреди што ги предизвикуваат експлозивните средства, а што вообичаено се користат за време на новогодишните празници.

Преку вистински примери и последиците за здравјето на луѓето, посебно на најмладите, беше укажано дека треба да се избегнува неовластеното користење и активирање на пиротехниката, којашто обично се набавува нелегално и за која нема потврда за исправноста и предупредување за опасноста што може да ја предизвика.

-Целта на предавањето е да се прикажат последиците од злоупотреба на пиротехничките средства пред новогодишните празници. Притоа, не се осврнуваме на законските казнени мерки, туку само на медицинскиот аспект, односно проблемите со кои се среќаваме ние, како медицински лица, како и за проблемите на децата кои доживеале повреди и на нивните фамилии, истакна доктор Солевски.

Предавањето за учениците се реализираше со поддршка од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје, како и Здружението на студенти по медицински науки.