ГРАЃАНИТЕ ПРАШУВААТ, ГРАЃАНИТЕ РЕАГИРААТ

декември 24, 2025
0 минути

Наши сограѓани со писмена реакција за нецелосно завршувањето на работите која ја пренесуваме во целост.

„Почитувани,

Нецелосно завршената работа во суштина претставува недовршена или лошо извршена работа – нешто што е еднакво на тоа да не е ни започнато, а понекогаш и уште полошо. Во нашата општина со години се зборува дека ваквите проблеми ќе бидат надминати, дека ќе се работи поодговорно и дека ќе се санираат сите вакви долготрајни „рани“.

Пред извесен период, доколку не грешам, беше објавен повик за тендерска постапка за избор на изведувач токму за вакви санации. Би сакал да прашам до каде е постапката, кои се резултатите и дали навистина средствата од граѓаните ќе бидат искористени транспарентно и наменски, а не за нечии лични интереси. Граѓаните секојдневно се сведоци на бројни нерегуларности, поради што очекуваме повисок степен на отчетност и одговорност.

Сметам дека Општина Кочани, Месната заедница Оризари и КЈП „Водовод“ Кочани се директно надлежни и најодговорни за навремено и квалитетно решавање на ваквите проблеми.

Законска надлежност и обврски

  1. Надлежност на општината

Според Законот за локална самоуправа, општината е одговорна за:

локални улици и патишта,

водовод и канализација,

одржување на јавни површини,

комунални услуги,

урбанистичко и просторно планирање.

Ова значи дека општината е носител на одговорност за планирање, финансирање, изградба и одржување на инфраструктурата во сите населени места на нејзината територија.

  1. Обврски на јавните комунални претпријатија

Јавното комунално претпријатие, при санација на дефекти (како пукната цевка), е должно: да ја изведе техничката поправка, и задолжително да ја врати јавната површина во состојбата каква што била пред интервенцијата (асфалт, бекатон, коцка, трева, тротоар и сл.).

Ова е законска обврска, бидејќи управителот на комуналната инфраструктура не смее да остави трајни оштетувања на јавни површини. Доколку тоа се случи, комуналниот инспектор може да наложи повторна санација, казна или надомест на штета“.

Жител на Општина Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ