ШАХОТ Е СВЕТСКИ ЈАЗИК ШТО ПОВРЗУВА – ЕМАНУЕЛ АНГЕЛОВСКИ Е НЕГОВИОТ АМБАСАДОР

Во Спорт
март 19, 2022
0 минути

Единаесетгодишниот Емануел Ангеловски, Македонец кој со своето семејство живее и учи во Цирих, Швајцарија, од неодамна ја откри шаховската табла како мошне привлечен простор за себе. Неговиот врсник Линус го поканил да му се придружи во клубот „Цирих Зебах“, па за Емануел се отворил нов свет во кој забрзано чекори. Со

настапите и резултатите пријатно ги изненадил и родителите и раководството на шаховскиот клуб, кое пак на младиот талент гледа со радост, затоа што настојува што повеќе да го популаризира шахот и да ги подмлади своите редови.

„Во август 2021 година кон нашата шаховска екипа пристапи Емануел Ангеловски. По неколку месеци тој се развива како мошне талентиран шахист и веќе во ноември 2021 година го прослави својот најголем успех: второто место на турнирот „Шаховски крал на Цирих“ во категоријата до 12 години (од 41 учесник во машка и во женска категорија). Од почетокот на 2022 година Емануел игра во втората екипа на шаховскиот клуб „Цирих Зебах“ во швајцарското групно првенство. Ова, се разбира во категоријата возрасни! Тоа се неговите први искуства во шаховскиот турнир со време на размислување од три минути за потег. Резултатите се воодушевувачки: со освоени 4,5 од можни 5 поени, Емануел го покажува најдобриот поединечен резултат од сите играчи на нашиот клуб! Многу зрело за негова возраст е стратегиското разбирање споено со талентот за комбинаторика и прецизноста во пресметувањето. Ние сме убедени дека Емануел ќе прославува уште многу шаховски успеси. И како млад човек, Емануел е мошне омилен во нашиот шаховски клуб. Шахот е светски јазик што поврзува, а Емануел е неговиот амбасадор“ вели Андреас Пончини, претседател на шаховскиот клуб „Цирих Зебах“.

„Шахот е интересна игра. Мора да бидеш внимателен и стрплив и многу добро да планираш што ќе добиеш, а што ќе изгубиш со секој потег. Освен шахот, играм и фудбал во клубот „Швамендинген“, а учам да свирам и на труба. Се надевам дека напролет ќе дојдеме во Кочани, да ги видам баба и дедо, роднините и другарите. Сакам да ја запознаам шахистката Јована Давиткова, знам дека таа е државна првенка, и ќе ми биде вистинско задоволство да одиграм со неа една партија шах“ ни рече Ангеловски во телефонскиот разговор.

Кочани е град со долга шаховска традиција, а Емануел Ангеловски, кој денеска го слави својот 12. роденден, нека биде уште еден негов амбасадор.