СИГУРНА РАБОТА ЗА СИГУРЕН ЖИВОТ

март 23, 2022
1 min read

Мотивирање на младите Роми и жените Ромки да го задржат своето работно место, да размислуваат за својот професионален и кариерен напредок и да придонесуваат до подобрување на животните услови на семејството и на локалната заедница се клучни цели на теренската кампања за задржување на работните места кај Ромите во Кочани. Оваа кампања ја реализираат текстилната компанија Делтекс од Кочани, заедно со здружението Национален ромски центар, со поддршка на We Effect.

Под слоганот „Сигурна работа за сигурен живот“, компанијата ќе го едуцира ромското население дека со задржување на работното место се обезбедуваат редовна плата, здравствено осигурување, пензиско осигурување, можност за напредок на работно место, искуство и

квалификуваност, како и можност да се користат разни финансиски инструменти од банките.

„Како компанија ќе работиме со ромската заедница и со сите вработени, да се мотивираат вработените да ги задржат своите работни места и кога има пазарна потреба да се вработи нова

работна сила. Нудиме пробна работа, обука за нововработените за стекнување на вештини, и можност за напредок“, велат од Делтекс.

Од Националниот ромски центар велат дека е неопходно да се реализираат разни активности кај младите Роми и жените Ромки за разбирање на важност од животна стабилност преку трајно вработување и кариерен раст и развој и во текстилната и во другите индустрии подеднакво.

„Важно е граѓаните да учествуваат во реализација на оваа кампања и да сфатат дека невработеноста носи многу ризици и нивно учество во сивата економија. Наспроти ова, сигурната работа доведува до пензија, здравствено осигурување, стабилно семејство, независност и самодоверба“, објаснуваат од НРЦ.

Со овие активности, партнерите во проектот ќе се борат против стереотипите, маргинализацијата и дискриминацијата на ромското население која придонесува до намалување на можностите за

вработување и кариерен раст и развој.

Кампањата под слоганот „ Сигурна работа за сигурен живот“ е дел од проектот „Организациски развој на НРЦ и подобрени способности за вработување и претприемништво кај Ромите, особено кај жените и младите“ поддржан од Шведската организација за развој We Effect и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida. Активностите се во рамки на IISEE проектот кој се фокусира на зголемен развој, приходи и вработувања за руралната популација, особено на Ромите, жените и младите на целните пазари. Очекуваниот импакт на проектот е: социо- економско зајакната Ромска, женска и млада популација во руралните и семи-урбаните средини.