Второлигашот од Виница, „Слога 1934“ од вчера (Понеделник) и официјално ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната во Втора Фудбалска Лига – Исток.
Шефот на стручниот штаб на виничани Никола Кузманов ги запозна играчите за начинот на подготовките по што беше одработен првиот тренинг.
На првата прозивка освен Христијан Митревски кој замина во ГФК „Охрид“, Ерион Шуку на кого му заврши договорот за позајмица и се врати во „Шкупи“ не се појавија ниту Стефан Кузевски, Далибор Костовски и Халим Бериша, а од новодојдените присутен беше Благојчо Коцев.
„Подготовките ќе ги одработиме во Виница иако имаше идеја да заминеме во Турција. Вчера и денес имавме по еден тренинг а од среда до петок ќе тренираме по двапати, за да во сабота одработиме уште еден тренинг пред играчите да добијат ден за одмор во недела. Тренинзите ќе бидат насочени кон физичка подготвеност а потоа следуваат комбинирани тренинзи. Пет играчи го напуштија клубот а засега имаме едно засилување од Осогово. Се надеваме дека за време на преодниот рок уште некој играч ќе ни се приклучи. Мораме што поспремни да го дочекаме пролетниот дел од првенството бидејќи битката за највисок пласман ќе продолжи. Планираме да одиграме неколку контролни натпревари до пред почетокот на првенството. Засега имаме договорено натпревар со „Беласица“ на 26 овој месец а во тек се преговори и усогласување на термини и со други екипи“ изјави Никола Кузманов шеф на Стручниот штаб на „Слога 1934“.
С. Ивановски