Поминаа пет кола од пролетниот дел на првенството во Првата и Втората Фудбалска Лига а дел од судиите на кои од оваа сезона им се зголемија и те како таксите продолжуваат со своето шерифско однесување. Тие и понатака мислат дека фудбалот постои за нив а не дека тие постојат поради фудбалот, ако нема фудбалски екипи, ако нема играчи нема да има ниту натпревари а тие нема кому да му судат. Но што и да се каже веќе по само пет поминати пролетни кола не стивнуваат критиките и жалбите упатени на нивна адреса од повеќето клубови.
Минатото коло бевме сведоци кога судијата Ристе Сејменов од Струмица имаше лошо судење на натпреварот „Осогово“-„Кожуф“. Во нашата објава за натпреварот самиот наслов беше со прашање „Дали главниот судија на натпреварот им скрати два бода на кочанчани?“. Ние поставивме прашање а оние што коментираат по се изгледа не знаејќи што значи прашалникот почнаа да редат коментари дека вината треба да се бара во играчите а не во судиите. Од нашето место на трибините тоа го видовме и тоа го коментиравме. За ваша информираност судијата доби слаба оцена и е ставен на паузирање а зошто? Затоа што слабо судел и меѓу другите грешни одлуки не досудил чист пенал за домаќините.
Оваа сабота пак судијата (непотребно) се стави во главна улога на натпреварот „Осогово“ – „Брегалница“. Да се разбереме гостите според прикажаното, според нас се две класи пред Осогово а како потврда на нашето размислување е што играчите на „Осогово“ во првото полувреме во кое гостите имаа предност од еден погодок не само што не упатила удар кон гостинскиот гол, туку штипските „сини“ не им дозволија да се доближат до шеснаесетникот.
Второто полувреме „жетварите“ го започнаа поангажирано откако на полувремето тренерот Крсте Крстев направи неколку поместувања во екипата. Осогово почна колку-толку да игра по што стигна до заслужено израмнување на резултатот. И кога сите очекуваа фајтерска игра од двете екипи до крајот на натпреварот судбината во свои раце ја презеде главниот судија Доне Ристовски од Гевгелија кој досуди пенал за гостите од кои тие поведоа и на крајот се покажа како конечен резултат.
Без да ја омаловажиме победата на „Брегалница“ повторно прашуваме. Дали овој пат имаше пенал за гостите или не ќе утврди комисијата но факт е дека судиската организација полека ги испушта дизгините од рацете. Во саботата се случи во Кочани, во неделата на другите терени па со право се поставува прашањето „До кога судиите ќе бидат пред сите структури во фудбалот?“.
Крајно време е да се стави крај на ваквиот нивни арогантен однос бидејќи лесно може да излезе се од контрола па да некој судија за таквиот однос си добие.
Во време кога тешко се доаѓа до средства не е потребно ваквото изживување бидејќи од коло до коло, од првенство до првенство судењето станува рак-рана во Македонскиот фудбал.
До кога? Додека на некој не му дојде преку глава.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ