СТОЈАНЧЕ ТРЕНЧЕВ ГО ПРОПУШТА БАРАЖ НАТПРЕВАРОТ?

Во Спорт
мај 12, 2023
0 минути

Еден од стандардните играчи на „Осогово“ Стојанче Тренчев е неизвесен за бараж натпреварот кој ги очекува „жетварите“.

Имено Тренчев во средата за време на тренингот заработи повреда која моментно го оддалечи од зелениот терен а кога ќе се врати на него само може да се претпостави.

Причината банална. Тренчев за време на тренингот во средата кога се играло на скратен терен, при трчање левата нога му пропаднала во една од повеќето дупки на овој катастрофално лош терен, го свиткал зглобот и ногата отекла. Во Општа болница – Кочани ногата му била ставена во лонгета што значи дека подолго време ќе мора да мирува.

На лошиот терен кој го користи секој што ќе изрази желба  укажувавме повеќепати, кон крајот на минатиот месец беше пуштен и валјак,  но која корист од него кога дупките не беа потполнети со земја па вакво нешто и се очекуваше.

Во Недела „Осогово“ го игра последниот натпревар во ова првенство по кој треба да следуваат подготовки за баражот, но за жал на таков терен играчите повеќе ќе мислат како да не се повредат отколку да тренираат.

„Теренот е во многу лоша состојба веќе подолго време. Се надевавме дека за пролетниот дел на првенството ќе имаме подобри услови и за тренинзи и за натпревари но се остана на надеж. Тренчев нема да може да настапи во бараж натпреварот кој ќе биде за десетина дена а се е тоа последица од многу лошиот терен. Во недела завршува регуларниот дел од првенството а веќе од понеделник ги продолжуваме подготовките за бараж натпреварот. Се надевам дека нема уште некој играч да се повреди за време на тренингот а се поради многу лошиот терен на стадионот Никола Мантов“ беше изјавата што ја добивме од Ефтим Аксентиев – Шеф на Стручниот штаб на „Осогово“.

С.  Ивановски