СВР ШТИП ВО КОЧАНИ КАКО ДЕЛ ОД КАМПАЊАТА „МВР ЗА ГРАЃАНИТЕ – ЗАЕДНИЦА, ДОВЕРБА, ОДГОВОРНОСТ“

април 1, 2023
1 минути

Претставници на СВР Штип заедно со портпаролот Гордана Панјотова, денес на платото во Градскиот Трговски Центар во Кочани учествуваа како дел од кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ чија цел е доближување до граѓаните на суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – полициско работење со заедницата.

Важноста на градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, како и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет се темите од оваа кампања.

Во обраќањето беше потенцирана важноста на полицијата во државата и во заедницата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството.

Покрај гарантирањето на редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите, беше потенцирано дека полицијата работи на сузбивање на криминалот и води бескомпромисна борба со сите криминогени појави во општеството.

Акцентот на средбата беше ставен на превентивните мерки за зголемување на сигурноста на граѓаните, како и на почитувањето на основните права и слободи за граѓаните и обезбедувањето граѓански услуги.

Главната порака на кампањата е дека полициското работење во заедницата значи градење на партнерство кое се базира на доверба меѓу полицијата и граѓаните, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот со краен резултат, зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење.

С.  Ивановски