ТЕХНИЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА ЃОКО ВЕЛКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА КОЧАНИ

април 8, 2024
0 минути

Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска беше во посета на Кочани каде оствари средба со пензионерите од општината.

При посетата, министерот Велковски ја истакна потребата од зголемување на капацитетите на детските градинки насекаде во државата како и кадровската екипираност на установите.

„Насекаде во државата кадешто одиме, утврдивме дека потребни се нови просторни услови во детските градинки заради зголемување на постоечките капацитети како и вработување на нов кадар. Претпоставувам дека по изборите и завршување на техничката влада постои реална можност за зголемување на кадровската екипираност на градинките“, истакна министерот Велковски.

Министерот посочи дека при посетите на општината ја искористил приликата за средби со пензионерските здруженија за да ги слушне нивните проблеми околу зголемувањето на пензиите.

„За жал, и по осум месеци се уште постои еден активен протест на пензионерите затоа што не им беа задоволени нивните барања, односно 5000 денари, линеарно покачување на пензијата и сите останати нивни барања. Во Македонија реалност е само 5,3 процентното покачување на пензиите кои го нарекуват луѓе од техничката влада. Реалноста ја знаат самите пензионери и останува они да одлучат дали е тоа покачување или навистина треба да се исполнат нивните реални барања“, додаде Велковски“.

Министерот Велковски истакна дека при посетите на општините ги посетува и Центрите за социјална работа за да се сретне со вработените во установите, но и да го слушне гласот на народот за тоа колку се задоволни од услугите и со какви предизвици се соочуваат и вработените и граѓаните. Целта на таквите посети е да се формира детална слика за социјалната заштита во целата држава.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ