Дефинитивно, фудбалскиот терен на стадионот „Никола Мантов“ е во многу лоша состојба и прашање е дали играчите од сите погони на „Осогово“ и девојчињата од ЖФК „Кочани“ треба и понатака на него да тренираат и да играат контролни натпревари.
Нерамнини на сите страни а теренот не да е оптеретен, туку е преоптеретен бидејќи на него речиси секојдневно се тренира или се играат натпревари.
Сета среќа што досега некој се нема повредено. Играчите за време на тренинзите или натпреварите како што истакнуваат повеќе внимаваат каде ќе стапнат отколку каде е топката.
Наместо зимската пауза да се искористеше, да се фрлеше навреме ѓубре, нерамнините да се потполнеа со земја или песок и потоа да се поминеше со валјак, теренот е оставен сам да си ја заврши таа задача.
Денес се одигра натпревар помеѓу комбинираниот тим на „Осогово“ со младинците на „Брегалница“ од Штип и сета среќа е што некој од овие млади момчиња не настрада, но како тргнале работите можеби (да не кобиме) наскоро и такво нешто ќе се случи.
Следниот викенд се закажани уште два контролни натпревари ЖФК „Кочани“ – „Тиверија“ и ГФК „Осогово“ – „Младинска екипа на Академија Пандев“, како ќе се игра по ваков терен можеме само да претпоставиме.
Време е ваквите недостатоци да се отстранат но и да се размислува дали може да се оспособи теренот во Оризари каде младинските екипи ќе ги играат своите натпревари. Вака навистина не одат работите како што треба.
С. Ивановски