ТФЛ-ИСТОК, ВО КОЧАНИ „РУДАРИТЕ“ НЕМОЌНИ ПРОТИВ ЛИДЕРОТ

Во Спорт
октомври 23, 2022
1 минути

Се одиграа натпреварите од 7-то коло во Трета Фудбалска Лига – Исток. Во Кочани лидерот на табелата „Осогово“ го пречека секогаш незгодниот „Рудар“, но овој пат „рударите“ се загубија во оризовото полето, кочанчани убедливо славеа со 3:0 а доколку на голот на „Рудар“ не беше расположениот Ѓорѓи Ивановски гостите ќе си заминеа уште со некој погодок во мрежата.

Домаќините од почетокот ја презедоа играта во свои раце и напаѓаа кон голот на „Рудар“ а резултатот беше откриен во 11’ кога Андреј Коцевски убаво се проби по дената страна центрираше на метар-два од гостинскиот гол а расниот стрелец Тоше Манов ја уфрли топката во мрежата. Гостите бурно протестираа и кај главниот судија Пилешков и кај вториот помошник Кочијев барајќи игра со рака од страната на Манов, но како само тие такво нешто видоа мораше да кренат од центарот. По водството на домаќините некои гостински играчи почнаа постојано да приговараат, да играат поостро од дозволеното барајќи некаква правда но судијата по се изгледа не беше расположен да им доделува картони.

Во 23’ домаќините постигнаа погодок но беше поништен поради некаков фаул во казнетиот простор на гостите. „Рударите“ на целиот натпревар создадоа само една шанса за гол. Во 41 минута на двапати биеја но младиот и надежен голман на домаќините Александар Стоименов со две бравурозни интервенции ја сочува својата мрежа.

Второто полувреме повторно помина во доминација на „жетварите“ но гостите од Пробишти беа жилав противник и успешно се бранеа но се до 56’ кога христијан Крстов направи дар-мар по десната страна центрираше а Љубомир Ѓорѓиев со глава по втор пат ја затресе гостинската мрежа. Конешните 3:0 домаќините ги поставија во 87’, тогаш Андреј Коцевски остро нафрли од левата страна топката ги помина сите играчи и заврши покрај левиот дирек во мрежата на Ивановски. Се на се добар натпревар за домаќините кои како се ближи крајот на есенскиот дел како да ја подигнуваат формата.

Резултати од 7-то коло:

„Осогово“ – „Рудар“  3:0

„Карбинци“ – „Брегалница“ (Д)  0:0

„Вардарски“ – „Овче Поле“  4:4

„Тиверија“ – „Академија Чешиново-Облешево“  2:0

„Победа“ (В) – „Спартмани“  0:3

„Малеш“ – „Дојранско езеро“  2:3

С. Ивановски