Понекогаш критиките го даваат посакуваниот резултат. Ако играчите на „Осогово“ и Стручниот штаб ги критикувавме за покажаното во првите шест кола, во неделата на натпреварот против „Рудар“ едно друго „Осогово“. Уште од самиот почеток на играта се виде желбата за победа која надополнета со борбеноста допринесе гледачите да видат еден добар натпревар од нивните миленици.
„Осогово“ со новите три бода на контото се издвоија на врвот на табелата и сега имаат три бода повеќе од „Тиверија“, односно пет од „Овче Поле“ што го става во пол позиција за највисок пласман на крајот на есенскиот дел.
„Жолто-сините“ во неделата победија но најголемата добивка на клубот е што добија голман за подолг период, кој доколку продолжи да работи како и досега и остане да стои цврсто на земјата може да нправи богата голманска кариера. Седумнаесетгодишниот Александар Стоименов немаше многу работа, но и онаа што ја имаше ја одработи за највисока оцена. Неколкуте центрирани топки од противничките играчи со правовремено истрчување сигурно ги скроти, но неговата одбрана во 41’ кога на двапати со прекрасни интервенции ги скроти ударите на противничките играчи и ја сочува својата мрежа, можеби и беа пресвртница за самиот тек на натпреварот.
Но време за опуштање нема, веќе во недела „Осогово“ и гостува на солидната екипа на „Карбинци“ во чии редови има доста добри играчи кои секогаш можат резултатот да го свртат во своја полза.
Со натпреварот во Карбинци остануваат да се одиграат уште четири кола во кои играчите на „Осогово“ доколку сакаат да ја освојат есенската титула ќе треба да го дадат својот максимум на теренот со што ќе им донесат радост на своите приврзаници.
С. Ивановски