„ОСОГОВО“ ПРЕД ВРАТАТА НА ТРЕТАТА ЛИГА

Во Спорт
мај 7, 2022
1 минути

Се одиграа натпреварите од 26 коло на Втора Фудбалска Лига по кое речиси многу нешта се веќе познати. Сепак она што ги загрижува љубителите на фудбалот во Кочани е нерешениот резултат на нивниот миленик „Осогово“ против борбената и цврста екипа на „Детонит јуниор“.

По сончево време и пред околу петстотини гледачи „жетварите“ свесни за значењето на натпреварот започнаа со напади уште по првиот свиреж на судијата Јосип Бартон. Но сето тоа јалово изгледаше бидејќи „жолто-сините“ немаа играч што ќе ја разбие сигурната одбрана на радовишани. Најголемата шанса за погодок „Осогово“ ја шанса во 25’но иако еден од напаѓачите беше сосема сам на осум метри од гостинскиот гол млако биеше и гостиите се одбранија. Гостинскиот тренер Здравков се определи за внимателна игра во одбраната, сигурност на средината на теренот а контра нападите му беа главното оружје. Така и играа гостите што се покажа како добитна комбинација. Во 40’ од еден таков контра напад со однос два гостински играчи против шест домашни успееја да одиграат мудро и да ја затресат мрежата на голманот на „Осогово“ и со водство да заминат во соблекувалните.

Во второто полувреме очигледно беше дека домаќините се фрлија на една карта, напад. Напаѓаа но се повтори стара болест сите нафрлени топки беа лесен плен за гостинската одбрана. Резултатот беше изедначен во 58’ кога расниот голгетер Тоше Манов од слободен удар постигна вистински евро-гол. Израмнувањето ги поттикна играчите на „Осогово“ уште посилно да напаѓаат, но како времето одминуваше недостатокот на физичка енергија и нервозата си го сторија своето. Домаќините натпреварот го завршија со двајца играчи помалку. Со овој бод „Осогово“се доведе во мошне ложа состојба па само чудо може да го спаси да и догодина се натпреварува во второлигашката конкуренција.

Резултати од 26 коло:

„Осогово“ – „Детонит јуниор“  1:1

„Беласица“ – „Слога 1934“  1:0

„Каменица Саса“ – „Кожуф“  0:1

„Победа“ – „Пехчево“  2:0

„Локомотива“ – „Братство“  2:2

На табелата води „Победа“ со 59 бодови, пред „Беласица“ 56, „Слога 1934“ 55, „Каменица Саса“ 45, „Кожуф“ 37, „Пехчево“ 31, „Детонит Јуниор“ 31, „Осогово“ 28, „Братство“ 15, „Локомотива“ 7.

Во следното последно коло „Осогово“ му гостува на „Братство“

С. Ивановски