В ПЕТОК ЗАПОЧНУВА 33. МАНИФЕСТАЦИЈА „ДЕНОВИ НА КОЧАНСКИОТ ОРИЗ“

септември 25, 2024
1 минути

Триесет и третото издание на меѓународната манифестација „Денови на кочанскиот ориз – 2024“ ќе се одржи од 27 до 29 септември во Кочани и во Оризари. Прославата во чест на кочанското бело злато ќе собере делегации и фолклорни ансамбли од Унгарија, Црна Гора, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, а ќе биде награден најуспешниот оризопроизводител и ќе се избира жетварска убавица.

Ова беше соопштено на прес-конференцијата што денеска ја одржаа градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и претставничките од Организацискиот одбор на манифестацијата Аника Илијевска Ѓорѓиева и Ивана Карова Коцева.

В петок, на 27 септември во Градскиот парк во Кочани ќе се одржи Изборот на жетварска убавица, концертот на Каролина Гочева и доцна во вечерните часови – забава со диџеј.

На 28 септември е Ликовната изложба „Св. Пантелејмон“, дефилето на здруженија и институции, како и меѓународниот фолклорен концерт на кој ќе настапат гостинските ансамбли.

Обичаите зажнејување и вршидба годинава се во Оризари, каде Здружението на пензионери – Кочани од Оризари со песни, благослови и здравица ќе го означи почетокот на оризовата жетва. Прогласувањето на најуспешниот оризопроизводител ќе биде проследено со богата културно-уметничка програма кај црквата „Свети Атанасиј“ во Оризари. Ќе настапат групата „Мелем“, оркестарот на традициски инструменти при ОМУ „Ристо Јуруков“, ФА „Љупчо Сантов“ и Дамјан Стојаноски. Настанот ќе биде проследен со презентација и дегустација на традиционални јадења од ориз, изложбени и продажни штандови. АРМ ќе готви сутлијаш и селско месо, гостите од Црна Гора ќе подготват рибина чорба, а домаќинките од Оризари – мекици.

Општина Кочани упати благодарност до триесетина општествено-одговорни компании коишто годинава го помогнаа одржувањето на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ