ВО ФИНИШОТ НА НАТПРЕВАРОТ „РУДАРИТЕ“ ИСКОПАА БОД ВО КОЧАНИ

Во Спорт
октомври 7, 2023
1 минути

По сончево и пријатно време за игра, денес во Кочани во рамките на 8-то коло од Втората Фудбалска Лига „Осогово“ и „Каменица Саса“ одиграа натпревар кој не даде победник. И кога се ќе се собере сепак се чини дека нерешениот резултат е најправедниот исход на натпреварот,  бидејќи домаќините во првото полувреме имаа и игра и резултат за да во вториот дел гостите бидат екипата која ја контролираше играта и која освен израмнувачкиот гол создаде уште неколку зрели шанси за да ја затресат мрежата на денес одличниот Ѓорѓи Јованоски.

Играчите на „Осогово“ добро го започнаа натпреварот. Играа на секоја топка и гостите беа ставени во подредена улога. Од таква игра „жетварите“ во 21’ можеа да го откријат резултатот, но нафрлената топка од левата страна не можеше навреме да ја стигне Тоше Манов и шансата отиде во неповрат. Но „жолто-сините“ продолжија да вршат притисок на топката на секој дел од теренот и да ја диктираат играта.

Се играше 35’ кога разиграниот Драган Паунов во празно му ја додаде топката на левата страна на Теодор Николовски кој убаво се проби а кога влезе во казнетиот простор остро ја нафрли топката по земја на која натрча Тоше Манов и од еден метар ја упати во празната мрежа. По водството домаќините продолжија мудро да играат чекајќи  кикс на гостинската одбрана, но со резултат 1:0 се замина на одмор.

Во второто полувреме како да истрчаа две сосема различни екипи на теренот. Од првите минути се виде дека гостите се решени да дојдат до погодок. Физички добро подготвени ја контролираа топката и се почесто напаѓаа кон голот на „Осогово“. Создадоа неколку прилики за гол но нивната радост им ја скратуваше домашниот голман Јованоски кој со неколку извонредни интервенција ја чуваше својата мрежа.

Најубавиот момент се случи во 72’ кога беше досуден слободен удар за гостите на растојание поголемо од 25 метри. Следуваше одличен удар но Јованоски заплива во воздухот и од самиот десен горен агол ја исфрли топката во корнер. Само две минути подоцна гостите постигнаа погодок но на интервенција од помошникот не беше признат поради офсајд позиција. Но гостите не се предаваа а домаќините ја чекаа својата шанса од контра нападите.

Се играше 81’ кога Филип Јованов кој пред три минути влезе во игра можеше да го реши натпреварот. Јованов успеа од левата страна да влезе во казнетиот простор на каменичани  биеше, но гостинскиот голман Душан Герасимовски го скрати аголот и го одбрани ударот.

Во 84’ гостите го израмнија резултатот преку Андреј Симевски кој од косо од десетина метри ниско по земја биеше во малата десна мрежичка. Во преостанатите  шест минути од регуларното време и во дополнителните шест не дојде до смена на резултатот па натпреварот заврши 1:1 (1:0).

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ