Во текот на вчерашниот ден во „Мултикултурен центар“, во организација на ЈОУ Библиотека „Искра“ во соработка со „Фолклоника“ – Центар за зачувување и развој на Македонската фолк музика, едукација и иновации за деца и ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани, се реализираше проектот „Детска патувачка фолк библиотека – Кочан.
На ЈОУБ библиотека „Искра„ – Кочани гости им беа учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“, ООУ „Малина Попиванова“, ООУ „Раде Кратовче“, ООУ „Никола Карев“ и ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Оризари, кои имаа одлична можност за дружење со македонската фолклорна традиција и народните песни.
На програмата се најде изведбата на народната песна „Слушам кај шумат шумите“, која беше вовед за промоцијата на првата музичка фолк сликовница, со ист наслов, издадена од Фолконика, потоа песните „Јовано Јованке“, „Македонско девојче“ и многу други. Душко Георгиевски, претседател на „Фолконика“ и естраден уметник, им приреди вистинско музичко доживување, со своите вокални изведби и дополнително ги поттикна децата да се вклучат во исполнување на македонски народни песни.
Присутните уживаа во фолклорните кореографии на најмладите членови на фолклорните играорни секции при учулиштата од Кочани, придружени со звуците од народните инструменти во изведба на учениците на ООМУ „Ристо Јуруков“ под менторство на нивниот професор Виктор Постолов. Одличната атмосфера, се создаде преку огромниот интерес за пеење на децата, кои сакаа да ги покажат своите музички таленти и афинитет кон македонските народни песни.
Воедно, беа промовирани двете музички фолк сликовници, „Слушам кај шумат шумите“ и „Јовано Јованке“, кои се инспирирани од познатите и популарни, македонски народни песни. Сликовниците сe уникатни со својот концепт, новина во детското издаваштво кај нас и претставуваат спој на македонското народно музичко творештво и македонската ликовна уметност.
Целта и придобивките од содржините на проектот „Детска патувачка фолк библиотека“ и промовирањето на музичките фолк сликовници е да се даде придонес кон зачувување на македонското музичко народно културно наследство и фолклорното творештво и тоа да им се понуди на децата во една форма, која ќе биде прифатлива за нив, за да го засакаат и продолжат да го негуваат, како наше национално богатство и, децата да спознаваат и нови естетски содржини, преку ликовните дела, со што ќе се воспитуваат и градат култура на вредности.
Од ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани упатуваат голема благодарност до целиот тим на „Фолклоника“ на чело со претседателот Душко Георгиевски, тимот на „Media Consulting“ која го менаџира и спроведува проектот, и секако благодарност за сораборката до директорката на ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани, Марија Лазарова како и за учеството на учениците и нивните наставници од основните училишта во Кочани и населба Оризари.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ