Се одиграа натпреварите од второто некомплетно коло во Втора Фудбалска Лига.
Во просечен натпревар кој е далеку од второто по ранг натпреварување „Осогово“ на гостувањето во Тетово остана без бодови иако „жетварите“ беа тие кои го отворија резултатот. Се играше 7’ кога двајцата штопери на „Тетекс“ погрешија, тоа го искористи Паунов несомнено денес најдобриот поединец во редовите на „Осогово“ и со удар по земја ја затресе мрежата на немоќниот Стефан Богојевски.
По постигнатиот гол домаќините тргнаа да го израмнат резултатот, но тоа беа јалови напади со кои лесно излегуваа на крај играчите на „Осогово“. Но и тие откако ќе ја одземеа топката на „текстилците“ веднаш ја губеа и така играта во главно беше помеѓу двата шеснаесетника. Во тек беше 36’ кога гостинската одбрана дозволи да биде надмудрена, по едно проигрување на десната страна во гостинскиот шеснаесетник најбрз и најприсебен беше домашниот играч Давид Спасовски кој успеа да го измами истрчаниот Јованоски и да обезбеди 1:1 на полувремето.
Вториот дел идентичен на првиот, и двете екипи повторно се надмудруваа меѓу двата шеснаесетника. Гостите го бранеа резултатот а домаќините немаа знаење како да дојдат до вториот погодок. Среќата им се насмевна во 59’. По нафрлениот корнер од левата страна невнимателноста на гостинската одбрана му дозволи на Никола Ристески да упати удар од 6-7 метри и да ја заниша мрежата по втор пат на немоќниот Јованоски.
До крајот домаќините љубоморно го чуваа тешко стекнатото водство а гостите немаа сила нешто повеќе да направат па така со празни раце се враќаат од „градот под Шара“ иако денес имаа противник рамен на нив кој можеше да се совлада.
Се на се, просечен натпревар кој љубителите на фудбалот бргу ќе го заборават.
Резултати од второто коло:
„Тетекс“ – „Осогово“ 2:1
„Охрид“ – „Караорман“ (одложена за 30.08.2023)
„Вардар“ (Н) – „Кожуф“ 1:2
„Аресими“ – „Каменица Саса“ 4:0
„Пелистер“ – „Новаци“ 4:0
„Беса“ – „Беласица“ 2:0
„Башкими“ – „Победа“ 2:1
„Скоје“ – „Детонит Плачковица“ (се игра во недела).
С. Ивановски
Благодарност до колегата ПАВЛЕ СИМОВСКИ за отстапените фотографии.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ