ВТОРА ФУДБАЛСКА ЛИГА, ГОЛЕМА И ВАЖНА ПОБЕДА ЗА „ОСОГОВО“

Во Спорт
мај 4, 2024
1 минути

Во натпревар од 28-то коло „Осогово“ го совлада „Скопје“ 2:1 (0:1) и стигна до голема и мошне значајна победа во зачувување на второлигашкиот статус. По облачно време проследено со ветар кој на моменти го менуваше правецот играчите од двете екипи одиграа машки натпревар во кој домаќините направија 2 во 1.

Натпреварот започна со офанзива на домаќините но гостите умешно се бранеа и со брзи против напади се обидуваа нешто повеќе да сторат.

Првото поголемо возбудување се случи пред гостинскиот гол. По една нафрлена топка во 14’ Паунов биеше, на топката стартуваше еден гостински играч и голманот Гоце Јовчев, домаќините бараа пенал но судијата Никола Иванов одмавна со раце и дозволи играта да продолжи. Оваа негова одлука внесе револт кај домашните играчи и на домашната клупа по што Шефот на стручниот штаб на „Осогово“ Добринко Илиевски заработи жолт картон.

Една минута подоцна (15’)  нов спорен момент. Домаќините бараа фаул но судијата повторно покажа играта да продолжи, следуваше школски изведена контра, Мердиан Рамадани во празно го проигра Стојан Попоски кој изби сам пред домашниот голман Ѓорѓи Јованоски, а кога и него го помина со топката се прошета во празната мрежа.

Голот на гостите внесе додатна нервоза и на теренот и на трибините.

Во 28’ домашните можеа да го израмнат резултатот но голманот Јовчев топката која падна неколку метри пред него и доби додатно забрзување успеа да ја одбрани. Со водство за гостите екипите отидоа на одмор.

Во второто полувреме сликата идентична на првото, „Осогово“ напаѓаше но гостите умешно се бранеа и преку брзиот Жоглев ја бараа својата шанса за втор погодок.

Во 61’ во игра влезе Тоше Манов бидејќи беше очигледно дека на „жетварите“ им недостасува шпиц играч од негов ков, и само по две минути од влегувањето во игра Манов донесе радост и на трибините и на теренот. Се играше 63’ Стојов итро биеше, Јовчев со крајни напори ја одби топката на која натрча голгетерот Манов  и резултатот беше израмнет.

Израмнувачкиот погодок како да им даде крилја на домаќините, се разлетаа по теренот и како оси го напаѓаа голот на Јовчев. Се играше 70’ кога на една нафрлена топка од дебата страна Паунов итро биеше со глава во спротивниот агол но Јовчев успеа со крајни напори да ја одбие топката на која натрча повторно Манов и ја „закова“ во гостинската мрежа.

По вториот гол домаќините со борбена игра го чуваа тешко стекнатото водство што внесе немир и нервоза кај играчите на „Скопје“. Во 79“ Дино Најдоски заработи црвен картон со што на домаќините им беше и те како олеснета задачата.

Кога судијата Никола Иванов отсвири крај на натпреварот тоа беше знак за голема радост и на трибините на стадионот „Никола Мантов“ и на теренот меѓу играчите.

Резултати од 28-то коло:

„Осогово“ – „Скопје“  2:1

„Охрид“ – „Детонит Плачковица“  3:1

„Каменица Саса“ – „Кожуф“  1:0

„Новаци“ – „Караорман“  6:0

„Беласица“ – „Вардар“ (Н)  0:0

„Победа“ – „Аресими“  0:3

„Башкими“ – „Пелистер“  1:2

„Тетекс“ – „Беса“  0:7

С. Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ