ВТОРА ФУДБАЛСКА ЛИГА – ИСТОК, УШТЕ ТРИ КОЛА НЕИЗВЕСНОСТ

Во Спорт
април 29, 2022
0 минути

Утре (Сабота) со почеток во 17:00 часот се играат натпреварите од 25. коло во Втора Фудбалска Лига – Исток. До крајот на првенството остануваат уште вкупно три кола кои носат голема неизвесност за кој ќе биде Шампионот, кој ќе игра бараж за влез во Прва Фудбалска Лига и кои екипи ќе обезбедат учество во единствената втора лига која стартува следното првенство.

Со една таква мисла и надеж екипите го пречекуваат колото во кое голем број од натпреварите можат да го дадат или конечниот или некој дел од одговорот.

По четирите последователни порази со кои „Осогово“ се доведе во мошне ложа положба на табелата, утре го чека гостување во Гевгелија со екипа чии амбиции се исто така врзани за единствената втора лига. Од таборот на кочанчани најавуваат борба за освојување на бодовите кои за нив се „суво злато“.

„Секогаш играме добро во Гевгелија. Моментно сме во лоша позиција на табелата но се надеваме дека конечно и нам ќе ни тргне. Очекуваме дека сите ќе го дадеме максимумот и ќе ги освоиме посакуваните бодови. Математиката не нé интересира, нас не интересираат бодовите кои сме сигурни дека со една машка игра ќе ги освоиме“ оптимистички се расположени играчите по последниот тренинг пред патувањето во Гевгелија.

Инаку во колото што следи се играат два дерби натпревари. Во Виница на програмата е комшиското дерби во кое лидерот на табелата ги пречекува „рударите“ од Македонска Каменица, додека во Прилеп се игра натпреварот на сезоната во кој „Победа“ ја пречекува „Беласица“. Во Радовиш домаќинот е фаворит против последната екипа на табелата а во Пехчево истоимениот клуб го пречекува „Братство“.

Дека натпреварите се од големо значење за конечниот пласман јасно им е и на Судиската организација па во ова коло за дерби натпреварите се делегирани судии со рејтинг. Во Гевгелија суди Јосип Бартон, во Прилеп е Александар Ставрев, во Виница Александар Грујоски, во Радовиш Бењамин Ќерими а додека во Пехчево на центарот ќе биде Виктор Јанчевски.

Двојки за 25, коло:

„Кожуф“ – „Осогово“

„Слога 1934“ – „Каменица Саса“

„Победа“ – „Беласица“

„Детонит јуниор“ – „Локомотива“

„Пехчево“ – „Братство“

С. Ивановски