Еден од фаворитите за највисок пласман во Втора Фудбалска Лига „Македонија ГП“ го совлада „Осогово“ во рамките на 7-то коло, но мораше доста да се намачи за да дојде до трите бода. Кочанчани загубија, но не разочараа играа храбро и со прецизни додавања го освојуваа просторот по што создадоа неколку прилики за гол а и еднаш ја погодија стативата.
Домаќините поведоа во 14’ со евро голот на Ѓорги Стоилов. Имено на околу 25 метри од голот на гостите во еден дуел Ѓорги Стоилов беше поуспешен од гостинскиот одбранбен игра Лука Јакимовски, ја одзеде топка, направи чекор-два и страотно биеше, ѕопката како ѓуле под самата пречка отседна во гостинската мрежа а парадата на гостинскиот голман Ѓорѓи Јованоски само даде убав белег на овој навистина прекрасен погодок.
По примениот погодок „жетварите“ почнаа да играат онака како што од нив бара стручниот штаб, со прецизни додавања освојуваа голем простор на теренот по што следуваа неколку изгледни прилики од кои за жал ниту една не беше реализирана.
Конечните 2:0 за домаќините беа поставени во 78“ по една филигранска одиграна акција. Играчите на „Осогово“ ја загубија топката на противничката половина, следуваше контра напад кој го поведе денес мошне добриот Дарко Размоски кој во празно го проигра Крсте Велкоски, кој пак кога изби сам пред гостинскиот голман несебично ја додаде топката до осамениот Симеон христов кој од неколку метри биеше во празната мрежа.
Се на се добар и интересен натпревар во кој играчите од Кочани покажаа карактер и немаше да биде незаслужено доколку дојдеше до израмнување на резултатот.
Како и да е оваа игра на „Осогово“ ги охрабрува нејзините навивачи кои очекуваат добри настапи и освојување на бодови во следните неколку кола кои на програмата ќе бидат по привремената пауза од две седмици.
Резултати од 7-то коло:
Македонија ГП – Осогово 2:0
Аресими – Вардарски 3:0
Детонит Плачковица – Вардар (Н) 1:1
Брегалница – Кожуф 1:0
Борец – Скопје 2:2
Беласица – Каменица Саса 2:2
Охрид – Новаци 3:1
Башкими – Победа 3:1
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ