ВТОРА ФУДБАЛСКА ЛИГА, „ОСОГОВО“ ПОТКЛЕКНА ВО ВТОРИОТ ДЕЛ

Во Спорт
декември 9, 2023
1 минути

Се одиграа натпреварите од 15-тото последно есенско коло во Втора Фудбалска Лига.

„Осогово“ гостуваше во Битола каде му се спротивстави на „Пелистер“ еден од кандидатите за највисок пласман. Кочанчани иако први го отворија резултатот сепак со празни раце се враќаат дома.

Домаќините офанзивно го започнаа натпреварот, упатија неколку удари кон голот на гостите но голманот на „Осогово“ Ѓорѓи Јованоски со успешни интервенции ја сочува својата мрежа. Во 11’ Драган Паунов со прекрасен удар надвор од шеснаесетникот го отвори резултатот кој внесе немир во редовите на домаќините. Неколку минути подоцна истиот играч повторно прекрасно биеше но за негова несреќа топката заврши во дирекот, се прошета по гол линијата и на жалост на „жетварите“ не заврши во голот.

Откако домаќините ги средија редовите почнаа да напаѓаат кон гостинскиот гол но тоа беа јалови напади се до 34’ кога „Пелистер“ од една гужва во гостинскиот шеснаесетник  со голот на Дарко Размоски го изедначи резултатот. Победата домаќините ја обезбедија во 56’ минута кога по нафрлената топка од левата страна со удар со глава Бојан Спиркоски му донесе предност на „Пелистер“ што на крајот се покажа како конечен резултат.

Резултати од 15-тото коло:

„Пелистер“ – „Осогово“  2:1

„Кожуф“ – „Охрид“  2:0

„Караорман“ – „Детонит Плачковица“  0:1

„Вардар“ (Н) – „Каменица Саса“  1:0

„Скопје“ – „Новаци“  2:1

„Аресими“ – „Беласица“  2:1

„Беса“ – „Победа“  3:1

„Тетекс“ – „Башкими“  0:0

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ