Добар дел од отпадната ПЕТ пластика од Кочани повеќе нема да завршува на депониите и измешана со другиот комунален отпад. Започна процесот на рециклирање на отпадна ПЕТ пластика и нејзина преработка во еко плочки за надворешно уредување.
Во рамки на проектот „ Намалување на отпадна пластика на територија на Општина Кочани преку воспоставување на систем за производство на екo плочки за надворешно уредување од отпадна ПЕТ пластика“ имплементиран од Здружението „Еко Тим Исток“ од Кочани, кој се спроведува паралелно со проектот „ Намалување на отпадна пластика на територија на Општина Гевгелија преку воспоставување на систем за производство на екo плочки за надворешно уредување од отпадна ПЕТ пластика“ имплементиран од Здружението „Еко Лајф“ од Гевгелија во тек е пробно производство на еко плочки кои како суровина користат единствено отпадна пластика и песок.
Проектите се финансирани од Глобален еколошки фонд – Програма за мали грантови на РСМ, а кофинансирана од „Екопроект-КО„ ДОО Кочани и „Близнак-Ком“ – Гевгелија, општествено одговорни компании со дозволи за собирање, транспорт и третман на неопасен и друг вид на отпад. „Собраното отпадно ПЕТ пакување од Кочани се дроби и се транспортира во Гевгелија каде во просториите на „Близнак – Ком“ е сместена опремата за производство на еко плочки. Ова е сосема нов производ, засега непроизведуван на друго место во Македонија и регионот, а идејата и процесот на производство е пресликано по пример од Ерменија. Веќе постои голема заинтересираност за производот, и веднаш по извршената сертификација од страна на ЗИМ АД Скопје,која се очекува да заврши до крајот на месец јули, производот веќе ќе биде достапен на пазарот.“ – изјави Ирена Мирчовска – Координатор на проектот
С. Ивановски