ЗГ „НИКОЛА МАНТОВ“ ОД КОЧАНИ ОПРЕМИЈА ФИТНЕС САЛА И ТЕРЕТАНА И ЈА ПРЕДАДОА НА ГФК „ОСОГОВО“

Во Спорт
ноември 6, 2022
1 минути

Во пресрет на натпреварот од 9-тото коло во Трета Фудбалска Лига – Исток, „Осогово“ – „Брегалница“ (Д) во подтрибинскиот простор на стадионот „Никола Мантов“ се одржа мала свеченост, се изврши чин на свечено предавање на опремената фитнес сала и теретана.

Имено во присуство на голем број љубители на фудбалот, навивачи на „Осогово“, ветерани на клубот, гости, и медиумите од општината денес ЗГ „Никола Мантов“ од Кочани кои во изминатиот период ја опремија празната просторија со фитнес опрема свечено ја предадоа на ГФК „Осогово“ со што еден од фудбалските брендови во Македонија стана првиот клуб на истокот што има сопствена фитнес сала и теретана.

Клучевите од фитнес салата и теретаната која сега е опремена со нови ПВЦ врати и прозорци, со гумиран спортски под и со справи и реквизити ( преса за нозе и шут машина) за суви тренинзи на Шефот на Стручниот штаб на „Осогово“ му ги предаде Претседателот на ЗГ „Никола Мантов“, Никола Стојанов.

Во новоопремената просторија која се простира на површина од 60м² се вложени повеќе од 200.000,00 денари, средства кои во главно се обезбедени од лични средства на членовите на ЗГ „Никола Мантов“, како и од други поединци и компании кои донираа средства или помагаа во реконструкцијата на просторијата.

Инаку ова не е единствената донација на ЗГ „Никола Мантов“ на ГФК „Осогово“, напротив, досега ЗГ „Никола Мантов“ од Кочани на повеќе можни начини го има помогнато ГФК „Осогово“ а нивните вложени средства се проценуваат на околу 10.000 Евра, потег за респект и почитување.

Како што најавија од ЗГ „Никола Мантов“ тие овде не застануваат, напротив ќе продолжат и понатака да го помагаат клубот за кој навиваат и кој е гордоста на Кочани без разлика во која лига се натпреварува.

Каде би им бил крајот на спортските клубови со вакви помагатели.

Не застануваме оведе, одиме сите заеднички понатака.

С. Ивановски