„ЖЕТВАРИТЕ“ СЕ ИЗВЛЕКОА ВО 88 МИНУТА

Во Спорт
октомври 9, 2022
1 минути

Се одиграа натпреварите од 5. коло во Трета Фудбалска Лига – исток во кое на три натпревари славеа домаќините, на еден натпревар победија гостите додека на два немаше победник.

Во Кочани  „Осогово“ со големи маки ја совлада одличната екипа на „Академија Чешиново-Облешево“.  Гостите поведоа во 5’ преку Михаил Јакимов а домаќините речиси без шанса го израмнија резултатот во 17’. Стрелец на израмнувачкиот гол за кочанчани беше Христијан Крстов. Во 35’ по досудениот слободен удар за домаќините Тоше Манов биеше силно по земја и ги доведе „жетварите“ во водство од 2:1, резултат со кој се замина на одмор. Во 53’ Илија Шуманов вешто ја избегна офсајд замката, излезе сам пред домашниот голман Филип Ѓеоргиевски и рутинирано по земја ја упати топката во мрежата. Најголемите возбудувања беа во последните пет минути од натпреварот. Најпрви во 85’ гостинскиот голман Драган Мишоски го одбрани добро изведениот пенал на Тоше Манов, но во 88’ не и ударот на Никола Стоиловски од пет-шест метри.  Се на се интересен и возбудлив натпревар во кој гостите покажаа подобар фудбал од фудбалските „ѕвезди“ на „Осогово“ но како да немаа храброст за нешто повеќе од двата постигнати гола. Сепак победата на „жетварите“ е заслужена.

Во Карбинци истоимениот тим доживеа убедлив пораз од лидерот на табелата „Овче Поле“ а екипата на „Тиверија“ без поголеми напори ги совлада „рибарите“ од Дојран.  Во Пробиштип домашниот „Рудар“ поуспешен од „Брегалница“ од Делчево, додека натпреварите во Богданци и Валандово завршија без победник.

Резултати од 5. коло:

 „Осогово“ – „Академија Чешиново-Облешево“  3:2

„Рудар“ – „Брегалница“ (Д)  2:0

„Карбинци“ – „Овче Поле“  2:5

„Вардарски“ – „Спартмани“  0:0

„Тиверија“ – „Дојранско езеро“  4:0

„Победа“ (В) – „Малеш“  1:1

Во следното 6. коло „Осогово“ му гостува на „Овче Поле“.

С. Ивановски