Поради речиси никаквата транспарентност со медиумите во општината од страна на ЖФК „Кочани“ а и поради честите ненавремени ажурирања на страната на ФФМ честопати во извештаите од натпреварите на ЖФК „Кочани“ со знак на прашалник пишувавме дека девојчињата од Кочани и догодина ќе бидат прволигаши. Иронијата да биде поголема од клубот иако тоа го читаа никој не сакаше да реагира и да ја каже вистината. Дали се плашеа дека нема да ги добијат ветените средства од Буџетот на Општина Кочани или пак нешто друго е во прашање е тема за истражување. Но на кого му е до тоа нека истражува, ние благодарение на наши пријатели и следбеници на страната го добивме она што го посакувавме.
Го добивме толкувањето на Пропозициите за натпреварување во Првата женска фудбалска лига за натпреварувачката 2022/2023 година. Во пропозициите јасно пишува: „Член 51 Клубовите чии екипи на конечната табела или на табелите од и согласно со член 31а од овие Пропозиции кои за натпреварувачката 2022/2023 година се рангирани на последните три места (десетто, единаесетто и дванаесетто место) директно испаѓаат од Првата женска фудбалска лига и во наредната сезона ќе се натпреваруваат во Втората женска фудбалска лига. За опстанок во Прва ЖФЛ деветто рангираната/пласирана екипа на табелата во Првата женска фудбалска лига во натпреварувачката 2022/2023 година игра еден бараж натпревар на неутрален терен во организација на ФФМ со второ рангираната/пласираната екипа во Втора ЖФЛ во натпреварувачката 2022/2023. Прворангираната екипа на конечната табела или на табелите од и согласно со член 31а од Пропозициите за натпреварување во Втората женска фудбалска лига за натпреварувачката 2022/2023 година во наредната сезона директно влегува во Првата женска фудбалска лига“.
Значи според Пропозициите лигата директно ја напуштија „Кул-Здравје“ (не го ни започнаа првенството), „Борец“ и „Кочани“. Деветопласираната „Шкендија“ го сочува прволигашкиот статус благодарение на победата во бараж натпреварот против „Атлетико“ од Битола 2:1 а директно во Првата лига како првак во Втората лига влезе екипата на „Топ Гол“ од Битола.
Во следното првенство 2023/2024 ќе се натпреваруваат 10 екипи а наредното првенство 2024/2025 планирано е да играат 8 екипи, што значи квалитетот да биде на една страна а „спаринг клубовите“ на друга страна.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ