ПИСМО ОД ЧИТАТЕЛ. АЈДЕ СИТЕ ЗАЕДНИЧКИ ДА ПРИДОНЕСЕМЕ КОЧАНИ ПОВТОРНО ДА БИДЕ НАЈЧИСТ ГРАД

март 27, 2023
0 минути

Во текот на денешниот ден добивме фотографии и текст од наш читател, љубител на природата, сопственик на викенд куќичка на Пониква кој апелира дека сите треба да се грижиме за да ја сочуваме убавината на Пониква, но и на останатите туристички дестинации околу Кочани со цел да се врати Кочани повторно да биде најчист град. Писмото Ви го пренесуваме во целост.

„Одлична и позитивна беше веста од 24.03 2023 година што беше објавена на вашата страница за исчистените места или мали депонии на Пониква. Од КЈП Водовод одлично ја завршија задачата и обврска, доколку тоа им е обврска.. За останатите површини околу големиот паркинг, околу стазите 1, 2 и 3 и асфалтираните улици кои никако не можат да бидат обврска на Водовод и не можеме и да сакаме да ги критикуваме за тамошната нечистотија. Обврската за чиста и убава Пониква е на сите нас обичните граѓани кои ја сакаме планината. Но како да се организираме и сите кои сакаме да се вклучиме во една акција за чиста Пониква? Еве јас кој имам викендица на Пониква мислам дека вие преку вашето гласило комарец можете да иницирате и стимулирате да се поттикнат одредени здруженија, целни групи, секции, младински организации ДПД, иматели на објекти на Пониква, односно сите, а не само тие кои имаат комерцијална активност. Нека се одреди и прогласи по еден ден во годината, нека е пролетен за ЧИСТА ПОНИКВА и секој кој сака да се вклучи тој ден во таа акција. Ова што е апел за Пониква нека биде повик и за локациите како Брана Гратче, Гоцева шума, Бавчалук, Мегданот, Лета, лета Локубија и други места кои ќе помогнат за чисто и за убаво Кочани. Ајде сите да помогнеме Кочани да биде повторно најчист град.“

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ