ЗОРАН СРЕБРЕНОВ – ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БК „СПАРТАК“: ТРЕБА ДА СЕ ГОРДЕЕМЕ СО ПОСТИГНАТОТО ВО ОВИЕ ДВЕ ГОДИНИ

Во Спорт
јуни 9, 2023
1 минути

Во пресрет на Државното првенство во борење за сениори во машка и женска конкуренција кое во недела се одржува во Кочани а на кое ќе се добие годинешниот Шампион на Македонија во борење, збор-два со Зоран Сребренов – Претседател на БК „Спартак“ од Кочани. По неговото доаѓање клубот доби нова димензија. Од клуб во фаза на згаснување последните две години како Феникс почна да ги освојува височините и еве денес можеме да зборуваме за клуб кој е постојано присутен на сите натпреварувања, а и резултатите кои ги бележат овие млади момчиња се за почитување.

„Кога пред две години ја прифатив функцијата Претседател на Спартак си поставив неколку задачи се со цел да го вратиме борењето во Кочани а доколку имаме поддршка и од другите структури во градот да се обидеме да создадеме нови државни шампиони кои во блиска иднина би се обиделе да донесат и некој медал од поголемите натпреварувања. Успеавме да привлечеме доста млади дечиња кои едноставно за краток период го засакаа борењето, редовно доаѓаат на тренинзи и почнаа да се натпреваруваат како на Државните првенства, така и на Меѓународните како турнири, така и првенства. Да се разбереме, борењето е традиционален спорт во Кочани повеќе од 60 години и според освоените медали и титули е несомнено најуспешен спортски колектив. Освен плејада борачи кои учествуваа изминатите шест децении на Балканските, Европските и Светски првенства, на Медитеранските игри можеме да се пофалиме дека имаме и двајца олимпијци Коце Ефремов и  Влатко Соколов со кои Спартак па и Кочани треба и мора да се гордеат“ го почна разговорот Зоран Сребренов па продолжи:.

„Еве сега по изминати две години можеме и да се пофалиме дека имаме добри резултатски постигнувања со нашите млади но доста надарени борачи. Но за да го задржиме континуитетот на работа а децата уште повеќе да напредуваат сениорската екипа ја засиливме со Расул Шапиев кој минатата година настапуваше во најсилната лига во светот Бундес лигата и каде запиша 15 победи од 16 борби. Дека не погрешивме кога го ангажиравме овој врвен борач е недоамнешниот негов одличен настап на Европското првенство каде го напушти спортската среќа и остана без медал а еве сега се подготвува за настап и на Светското првенство каде и тој и ние  очекуваме медал“.

Околу неделниот настап на Државното првенство во сениорска конкуренција Сребренов со одговор: „На државното првенство ќе настапиме со петмина борачи Дамјан Крстов 57килограми Александар Павлев 70 килограми, Расул Шапиев и Илчо Веселинов 74 килограми и Леон Трајанов 92 килограми. На крајот на сезоната очекуваме да завршеме во првите 6 екипи во севкупна конкуренција“

За крај Сребренов зборуваше и за плановите на „Спартак“ во следната година. „За следната година планираме да ангажираме уште 2-3 појачувања и да атакуваме за место меѓу четирите најдобри екипи. Освен со сениорите нашата енергија ќе ја насочиме уште повеќе и кон нашите млади борачи. Ќе продолжиме да го подигнуваме квалитетот кај нив  како со реализација на добри подготовки дома, така и со  посета на квалитетни кампови каде децата може многу да напредуваат“

„Еве ја користам оваа прилика јавно да им се заблагодарам на сите структури во клубот кои изминатите две години ми помагаат, како луѓето од управата, така и тренерите,и борачите кои навистина вложија досега големи напори да бидеме на ова ниво на кое што сме сега а тоа за две години не е мала работа. Искрена благодарност и до сите оние што го помагаат клубот за да оди напред“ заврши Зоран Сребренов – Претседател на БК „Спартак“ од Кочани.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ