ТРЕТА ФУДБАЛСКА ЛИГА – ИСТОК, ТОШЕ МАНОВ ПРВ СТРЕЛЕЦ СО 32 ПОСТИГНАТИ ПОГОДОКА

Во Спорт
мај 16, 2023
1 минути

Некои ги менуваат навиките, но центарфорот на „Осогово“ Тоше Манов кој седма година по ред ги брани боите на „жолто-сините“ тешко. За него навиката да биде најдобар стрелец во шампионатите останува.

И годинава нашиот Тоше со 32 погодока стана прв стрелец во Трета Фудбалска Лига – Исток. Скептиците сигурно ќе бараат повторно „влакно во јајцето“ но тоа е факт кој не ќе можат да го побијат.

Тоше есенскиот дел го започна онака како што го заврши пролетниот во Втора Фудбалска Лига – Исток, постигна дури 23 погодока и беше најдобар стрелец на полусезоната. И кога сите помисливме дека ќе ја разбие и педесетката Тоше заработи незгодна повреда на десното колено.

Лекарите му препорачуваа мирување бидејќи со таква повреда ако продолжи да игра може мошне бргу да ја заврши и кариерата. Манов ги пропушти зимските подготовки но кога започнаа натпреварите од пролетниот дел во првенството како голем спортист му се стави сепак на располагање на Шефот на Стручниот штаб на „Осогово“ Ефтим Аксентиев. И секогаш кога некако не одеше нападот како што треба Тоше Манов беше уфрлен во играта и почнаа како тој така и неговите соиграчи полесно да доаѓаат до шанси и да ги тресат противничките мрежи.

Токму повредата е и најголемата причина што Манов во пролетниот дел постигна само 9 погодока, велиме само бидејќи оние што ги следиме натпреварите на „жетварите“ знаеме како се пазеше и како ги избегнуваше грубите стартови на некои противнички играчи, а сепак стигнуваше кога беше најпотребно да ја затресе противничката мрежа.

Ако е и од Тоше Манов, многу е.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ