Синоќа во Салон „Фоаје 2“ во НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани, пред голем број љубители на уметноста беше отворена патувачката самостојна изложба на уметничката м-р Александра Димитрова насловена како „Нова димензија во создавање 2“.
Уметнички дела изработени во техника акрил на платно со различни теми, во кои доминираат пејзажите и портретите се поставени на самата изложба која кочанската публика со големо задоволство ја проследи.
Синиша Новески, рецензент на делата при своето обраќање потенцираше дека Димитрова од разиграните слики богати со бои и текстура извлекува со лесна и конструктивна линија одредени ликови и портрети кои носат одредена емоција, лиричност и грациозност. Самите слики се еден вид на прозорци на денешното турбулентно динамично живеење во кои секој може да се пронајде во раскошот на боите и формите.
За културно-забавниот дел на изложбата се погрижија талентираната пијанистка Макарија Иванова и нејзината менторка Марија Лазарова од ОМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани.
Авторот на изложените дела м-р Александра Димитрова се заблагодари за големиот интерес кој го покажа кочанската пробирлива публика, како и на сите оние кои постојано следат и информираат за она што се случува кога се во прашање настани од сферата на уметноста.
Инаку ова е тринаесетта самостојна изложба на м-р Александра Димитрова, втора во Кочани која кочанските љубители на уметноста ќе можат да ја посетат заклучно со 12 Октомври.
Овој проект е Финансиран од Министерството за култура на Република Македонија и Општина Кочани со поддршка на НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ