ДАРИЈАН ПАВЛЕВ ОСВОЈУВАЧ НА ТРОФЕЈОТ НА 24. ИЗДАНИЕ НА МЕМОРИЈАЛНИОТ МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО БОРЕЊЕ „ЛЕГЕНДИТЕ НА СПАРТАК“

Во Спорт
ноември 23, 2024
1 минути

Во организација на БК „Спартак“ од Кочани а со помош на Боречката Федерација на Македонија, Општина Кочани и локалниот бизнис сектор, денес во Спортската сала „Сашо Лазарев – Чапо“ во Кочани се одржа 24. издание на Меморијалниот Меѓународен турнир во борење, слободен стил „Легендите на Спартак“ кој е продолжение на турнирот  „Андонов-Колев“.

На турнирот учествуваа 89 борачи од боречките клубови на Македонија, како и од Република Бугарија, Албанија и Косово.

Турнирот за отворен го прогласи Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов а гостите и учесниците на турнирот ги поздрави Претседателот на Боречката Федерација на Македонија Дејан Богданов.

Во пресрет на финалните натпревари организаторот на турнирот БК „Спартак“ врачи благодарници на некогашните борачи и тренери Благој Алексов (Гојана), Јорданчо Јанев, Владо Ангелов  (Пенац) како и на актуелниот судија инаку некогашен борач Гоце Ангелов. Посебна благодарница постхумно беше доделена на Насе Насев која од Претседателот на БК „Спартак“ Зоран Сребренов ја прими Насе Насев јуниор.

По завршувањето на финалните натпревари беа прегласени и најуспешните борачи.

Трофејот  „Најдобар борач“ на турнирот заслужено му беше доделен на Даријан Павлев од БК „Спартак“ – Кочани, кој извојува четири победи  без ниту еден загубен поен.

За „Најдобар домашен борач“ беше прогласен  Павел Темелков од БК „Спартак“ – Кочани, а за „најдобар странски борач“ признанието му беше доделено на Горги Игов од Република Бугарија.

Домаќинот БК „Спартак“ на турнирот учествуваше со 14 борачи кои освоија 4 први, 3 втори и 1 трето место.

Генерација 2015-2016: Лазар Ангелов – прво место, Павел Атанасов – второ место.

Генерација 2010-2012: Атансија Гушкова – трето место

Генерација 2009-2011: Даријан Павлев – прво место, Павел Темелков – прво место, Јован Илијев – прво место, Едис Билалов – второ место, Филип Ангелов – второ место,

Освен Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и  Претседателот на Боречката Федерација на Македонија Дејан Богданов, посебен белег на турнирот со своето присуство му дадоа и  Могамед Ибрагимов, Влатко Соколов, Орце Митров и Александар Андов.  Организацијата на турнирот одлиена.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ