И годинава жрепката му се насмевна на „Осогово“ па така трета година по ред ќе биде дел од Второлигашките збиднувања. „Осогово“ и овој бараж натпревар како сите до сега го загуби, но од „шеширот“ стигна веста дека и понатака останува дел од Втората Фудбалска Лига.
А се можеше да биде поинаку доколку „жетварите“ имаа успешна и бериќетна есен: Додека траеја летните подготовки се ширеа бајки дека „Осогово“ нема да дозволи да се спасува во последното коло (како кога го победи Пелистер во Кочани) туку дека планот е да се биде оваа сезона во средината на табелата а ако се може и ако се пружи шанса и во самиот врв.
За жал сето тоа беше „Есап без крчмар“. „Осогово“ по трите одиграни кола од кои две како домаќин освои само еден бод па шефот на Стручниот штаб Добрнко Илиевски беше разрешен од функцијата а истата му беше доделена на Горанчо Георгиев.
Нови луѓе на клупата, нови очекувања, а стари навики, така да од шесте натпревари дома беа забележани само две победи (Борец и Победа) а од шесте гостувања се донесе само еден единствен бод (Брегалница) па со вкупно освоени 8 бода „Осогово“ ја заврши полусезоната на скромното 14-то место со по само три бода пред „Борец“ и „Вардарски“.
Очигледно беше дека нешто мора да се менува за време на зимската пауза. Најпрвин беше разрешен вториот по ред Шеф на стручниот штаб Горанчо Георгиев, и беше сменета речиси целата управа.
„Осогово“ доби ново раководство, беа доведени неколку нови играчи а за Шеф на стручниот штаб беше поставен долгогодишниот тренер на „жолто-сините“ Крсте Крстев.
Дали овој потег беше на место или не потврдува бодовното салдо во пролетниот дел од првенството. „Осогово“ на своето конто од 8 бода додаде нови 21 што за жал беше доволно само за да игра бараж натпревар за опстанок во Втората Фудбалска Лига.
Кога сега се ќе се собере и се ќе се погледне од поинаков агол може само да се заклучи дека во пролетниот дел од првенството доколку на „Осогово“ судиите не му нанесоа неколку неправди „жетварите“ ќе имаа доволно бодови да се искачат уште за 2-3 места погоре на табелата.
Но бидна што бидна, есенската сезона сакале или не мора секој навивач на „жолто=сините“ да ја што побргу заборави, за сметка на пролетната полусезона која сепак дава надеж за подобро утре на фудбалот во Кочани.
Во „Осогово“ мора бргу да се размислува и работи, мора да се изнајде можност за финансиска стабилизација, играчкиот кадар мора да биде со проверен квалитет бидејќи во сезоната 2025-2026 секој бод ќе биде драгоцен со оглед што лигата ќе се намали од 16 на 14 екипи па кога ќе се додаде намалувањето и на Првата Фудбалска Лига од 12 на 10 екипи, тогаш мора да се размислува за средината на табелата бидејќи 5- 6 екипи ќе ја напуштат Втората Фудбалска Лига.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ