ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ГФК „ОСОГОВО“: СО МАЛКУ ПОГОЛЕМА СРЕЌА МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА ПРВЕНСТВОТО

Во Спорт
август 21, 2025
1 минути

На два дена до стартот на годинешното првенство во Втора Фудбалска Лига, а со цел да се запознаа јавноста во Кочани, вечерва во подтрибинскиот простор на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани ГФК „Осогово“ одржа прес конференција.

Најпрвин на присутните им се обрати Ненад Ефтимов – Претседател на УО на КФК „Осогово“. Во своето обраќање тој истакна: „Главен акцент во овие седум месеци ставивме на подобрување на условите за работа во ГФК Осогово како од спортски, материјално-технички и како и од финансиски аспект. Во делот на инфраструктурата особено внимание и ангажман посветивме и го подигнеме нивото на одржување на главниот терен, и резултатите се видливи. Во оваа прилика сакам да истакнам особена благодарност до „Антура“ за донираната професионална косачка која за нас е повеќе од корисна“

Во натамошното свое излагање Ефтимов рече: „ Работиме посветено на подобрување на хигиената, на осовременување на условите во кои тренираат фудбалерите како и на нивна спортска надградба преку обуки за начин на правилна спортска исхрана, тактики и техники за работа и други активности што ги бара современиот фудбал. Успеавме да ја осовремениме домашната соблекувална со нови клупи и столчиња, поставивме клима уред, го обновивме и просторот за туширање. Поставивме клима уред и во салата за состаноци, набавивме нов лап топ за потребите на ГФК Осогово, добивме донација фрижидер за потребите на клубот.  Во оваа прилика сакам јавно да се заблагодарам на сите фирми кои подадоа рака и ја прифатија нашата понуда за соработка. Ви благодариме на сите затоа што ни помогнавте да ја наполниме со реклами новата конструкција на источната трибина како и централниот ѕид на западната трибина. Овие средства за клубот се значајни за консолидација и за подобрување на ликвидноста“.

 

„Ја користиме оваа прилика да се заблагодариме на Општина Кочани, на сите советници, градоначалникот и на вработените кои се вклучени во соработката со клубот за поддршката што се дава на ГФК Осогово. Исто така благодарност и до ОФС Кочани со кои соработуваме тековно и на секојдневна основа. И на крај да истакнам дека од претходната управа добивме корисни и конструктивни совети и за тоа им оддаваме јавна благодарност“ го заврши своето обраќање Ненад Ефтимов – Претседател на УО на ГФК „Осогово“

„Подготовките ги започнавме на летиринаесетти јули а првенството започнува на дваесет и трети август, поточно во сабота.Мислам дека мошне добро ги одработивме подготовките, одигравме шест натпревари во кои ја баравме нашата игра и местата на поедини играчи. За резултатите од подготовките нема да зборувам бидејќи тие беа во втор план, ни беше важно од натпревар во натпревар да ја подобруваме нашата игра и мислам дека спремни ќе го дочекаме првенството.  За нас е важно што ланскиот состав го задржваме а со неколкуте нови играчи мислам дека рамноправно ќе се носиме со сите екипи во лигата. Оваа година поради намалување на лигата испаѓаат пет екипи додека другите три играат бараж што е дополнителен притисок за повеќето екипи. Однапред не ветувам ништо околу резултатите бидејќи тие се непредвидливи, но ветувам потполн ангажман на сите играчи, на стручниот штаб како и на луѓето од управниот одбор. Уверен сум дека ќе обезбедиме годинава директен опстанок во лигата а со малку поголема спортска среќа ќе бидеме изненадување на првенството“ беше изјавата на Крсте Крстев – Шеф на Стручниот штаб на ГФК „Осогово“,

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ