РОДИТЕЛИТЕ НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО „ПУЛС“ КОИ СЕ ЛЕКУВАА ВО АНКАРА (ТУРЦИЈА) СО ИСКРЕНА БЛАГОДАРНОСТ КОН ЦЕЛИОТ МЕДИЦИНСКИ ПЕРСОНАЛ

јануари 22, 2026
1 минути

Со ова јавно соопштение сакаме да изразиме искрена и длабока благодарност до докторите, медицинските сестри, техничарите и целиот медицински персонал во болницата „Ankara Bilkent Şehir Hastanesi“, за нивниот врвен професионализам, хуман пристап и несебична посветеност во грижата за пациентите.

Во моменти кога здравјето и животот се од непроценливо значење, нивната работа претставува вистински пример за современа, организирана и хумана медицина. Пристапот исполнет со внимание, трпение и висока стручност не е само медицинска услуга, туку и силна човечка поддршка за пациентите и нивните семејства, особено во најтешките и најчувствителните моменти.

Особено се истакнуваат високите стандарди на лекување, современите медицински методи, одличната организација и брзата реакција, кои ја позиционираат Ankara Bilkent Şehir Hastanesi како една од најреномираните здравствени установи во регионот и пошироко.

Во знак на длабока благодарност и почит, како симболичен гест на признание, на болницата ѝ подаруваме уметничка слика од познатиот и реномиран сликар Боре Минов “art gallery Koloris AM”Уметничкото дело симболично ги прикажува пациентите повредени во трагедијата во Кочани, нивната борба за живот, надежта и силата на човечкиот дух, како и пожртвуваноста и хуманоста на медицинскиот персонал кој им ја пружи неопходната грижа.

Ова уметничко дело ќе биде јавно истакнато во просториите на болницата, како траен симбол на солидарноста, сочувството и благородната мисија на медицината, но и како тивок спомен и длабока почит кон сите кои поминаа низ тешки и болни моменти.

Посебна благодарност и искрена почит упатуваме и до дипломатското претставништво на Република Северна Македонија – Македонската амбасада и конзулатот, за нивната исклучителна пожртвуваност, несебично ангажирање и континуирана поддршка. Нивната улога во координацијата, комуникацијата и помошта кон пациентите и нивните семејства претставуваше значаен столб на сигурност, надеж и институционална грижа во еден исклучително тежок период. Овој текст е израз на искрено признание кон сите поединци и институции кои ја покажаа вистинската смисла на солидарност, човечност и одговорност, носејќи ја најголемата задача – заштита и спасување на човечки животи.

Во име на пациентите и нивните семејства, ви благодариме од срце.

Со почит Група родители на повредени деца

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ