На седумдесетина дена пред одржувањето на „Парламентарните избори 2014“ во Кочани во „Паркот на Револуцијата“ на импровизирана шаховска табла со црно-бели плочи беа поставени големи гумени фигури за играње на шах под отворено небо. Според тогаш дадените изјави, поставувањето на шахот беше дел од Проектот за хортикултурно преуредување во „Паркот на Револуцијата“, донација од Општина Кочани а во реализација на КЈП „Водовод“ – Кочани.
Со овој проект кој беше добро прифатен од жителите на Кочани, љубителите на шахот во општината имаа можност при посетата на паркот да одиграат и по некоја шаховска партија.
И одеднаш, неколку месеци по завршувањето на „Парламентарните избори 2014“ (27 април 2014 година) од фигурите и таблата ниту трага ниту глас, едноставно исчезнаа.

Порталот www.komarec.com.mk реагираше со текст преку кој беше поставено прашање каде се фигурите. Образложението на надлежните од општината беше дека поради заладување на времето фигурите се повлечени и се чуваат на сигурно а дека на пролет или со подобрувањето на временските прилики тие повторно преку ден ќе се поставуваат на „шаховската табла“ во паркот а навечер поради сигурност ќе се повлекуваат.
Од тогаш еве поминаа 12 години, ниту таблата, ниту фигурите се вратија онаму каде што им е местото, ниту некој излезе да даде известување каде се.
Мистеријата трае и денес па затоа граѓаните на општина Кочани од чии средства преку Буџетот на општината беше реализиран тој проект со право треба да знаат. каде или кај кого се и таблата и фигурите во моментот.
Одговорот треба сите да го знаеме.

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
