КАМПАЊА „СКРОИ ГО СОПСТВЕНИОТ УСПЕХ“

март 11, 2022
1 минути

Здружението Национален ромски центар во партнерство со текстилната компанија MK Делтекс од Кочани, со поддршка на We Effect, имплементираат кампања за подобрување на имиџот на текстилната индустрија, како добро и безбедно работно место.

Активностите на кампањата „Скрои го сопствениот успех“ се насочени да ги подобрат перцепциите и имиџот на текстилната индустрија како добра работна средина, со што ќе ги мотивира невработените лица особено Ромите да бараат вработување.

Со слоганот „Скрои го сопствениот успех“, НРЦ и компанијата Делтекс ќе ги мотивираат младите Роми и жените Ромки да се вработат во текстилната индустрија, да размислуваат за долгорочна животна визија со личен професионален и кариерен напредок во текстилната и модната индустрија и да ги охрабрат, преку својата работа, активно да придонесуваат кон подобрување на животните услови на нивното семејство и на локалната заедница.

„Поради системски проблеми, како што се нискиот степен на образование и непоседувањето високи работни квалификации, добар дел од ромската популација на Кочани, пред сé жените, бараат работа во текстилната индустрија во градот. Од друга страна, ниската плата и неможноста за кариерен напредок се наведуваат како клучни фактори во одлуката на многу млади Роми и жени Ромки да не ја гледаат својата иднина во текстилната индустрија, дури и во самиот град Кочани. Затоа, спроведуваме кампања за

подигнување на имиџот на текстилната индустрија како достоинствено место за работа за младите Роми и жените Ромки, кое им овозможува стабилна иднина и кариерен напредок“, велат од Националниот ромски центар.

Текстилната индустрија е една од најзначајните стопанска гранки во Република Северна Македонија, во која работаат околу 35.000 работници. Оваа индустрија учествува со околу 13% од вкупниот бруто домашен производ на државата и поради нејзината извозна ориентираност, учествува со околу 27% во вкупниот македонски извоз. Најголем број од вработените во текстилната индустрија се од женски пол (85 % од вработените во производството на облека, 58% од вработените во производството на текстил).

Статистичките податоци кажуваат дека околу 7% од вкупното население во Кочани е од ромската заедница.

„Текстилната индустрија е еден од најголемите работодавци во нашата општина каде нема многу можности и голем избор за вработување. Ние нудиме стабилна работа со редовна плата, пензиско и здравствено осигурување, кои значат поголема животна сигурност за себе и своето семејство. Задржувањето на работното место отвара можности за стекнување искуство и тесна специјализација за извршувањето на задачите што е можност за напредок во самата организација и за позиционирање како поквалификуван“, велат од Мк Делтекс од Кочани.

Кампањата под слоганот „Скрои го сопствениот успех“ е дел од проектот „Организациски развој на НРЦ и подобрени способности за вработување и претприемништво кај Ромите, особено кај жените и младите“ поддржан од Шведската организација за развој We Effect и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Sida. Активностите се во рамки на IISEE проектот кој се фокусира на зголемен развој, приходи и вработувања за руралната популација, особено на Ромите, жените и младите на целните пазари.

Очекуваниот импакт на проектот е: социо-економско зајакната Ромска, женска и млада популација во руралните и семи-урбаните средини.